Ги рушиме митовите за играњето видео игри: Разговор со Гордана Манева, психолог

Точка

09/08/2024

13:45

47.798

Големина на фонт

а а а

Одамна помина времето кога видео игрите беа само лесна занимација и забава. До пред само една деценија, гејмингот не беше сфатен така сериозно како што е денес поради тоа што професионалниот елемент во него не беше толку дефиниран и профитабилен. Низ годините, видео игрите еволуираа во нешто многу поголемо и практично станаа глобален феномен којшто брзо ги стигнува успешните индустрии како филмската, музичката и спортската.

Но, и покрај големата популарност и распространетост, видео игрите честопати се предмет на дискусии, форсирани претпоставки и заклучоци коишто ги опишуваат во погрешно светло.

За навистина да утврдиме што е вистина, а што не, поразговаравме со Гордана Манева, професионален психолог од Разговор.мк, којашто одговори на нашите прашања и ни даде нова перспектива во врска со оваа тема.


Гејмингот, независно дали аматерски или професионален, бара да се посвети време специјално за него и честопати го бара целосното внимание на играчот за да се комплетира задачата или да се победи партијата. Што значи ова за играчот? Дали видео игрите треба да бидат приоритет во слободното време?

ГМ: Игрите во одредени жанрови, како што се стратегиите или игрите со загатки, можат да ги подобрат когнитивните вештини, вештините за решавање проблеми, вештините за снаоѓање во просторот, како и за брзо и прецизно насочување на вниманието. Совладувањето пречки, коишто се поставени во видео игрите помагаат во зголемувањето на мотивацијата и упорноста. Некои истражувања покажуваат дека играњето видео игри го подобрува расположението и токму поради ова го намалува и стресот, а истовремено нуди чувство на релаксираност и задоволство. Покрај придобивките од видео игрите, како што се потенцијалот за подобрување на когнитивните вештини и намалувањето на стресот, за успешно управување со слободното време, потребно е да се препознаат и ризиците поврзани со игрите, како и да се спроведат стратегии за одржување здрава рамнотежа помеѓу игрите и другите аспекти од животот.

Отворената и искрена комуникација со најблиските и со семејството за навиките на играње може да помогне да се постават реални очекувања и јасни граници помеѓу реалниот и виртуелниот свет. Поттикнувањето здрави навики, како што се редовната физичка активност, социјалната интеракција и други хобија, може да ја зголеми целокупната благосостојба. Клучот е да се најде здрава рамнотежа којашто овозможува уживање во видео игрите без да се загрозат останатите аспекти на животот.

А што е со социјалниот елемент? Голем број луѓе и понатаму се загрижени дека гејмерите (луѓето што играат видео игри) го запоставуваат социјалниот живот на сметка на видео игрите.

ГМ: Балансирањето помеѓу игрите и социјалниот живот е сѐ поактуелна тема, особено во време кога видео игрите станувааат забава којашто е централен дел од животот на голем број на луѓе. При тоа се поставува прашањето како гејмингот влијае на социјалните интеракции, на менталното здравје и на целокупната благосостојба. Видео игрите, особено онлајн игрите, можат да вклучат повеќе играчи, помеѓу коишто се одвива постојана социјална интеракција и соработка. На овие платформи играчите се поврзуваат, комуницираат и дејствуваат заедно, што може да ги подобри нивните социјални вештини, како и да им помогне да создадат нови пријателства. Играта во тимови бара комуникација и соработка помеѓу играчите.


 Кога зборуваме за социјалниот елемент, умереноста и балансот се клучни за да се избегне ризикот приоритетот да биде ставен само на виртуелните интеракции пред оние во реалниот свет, што потенцијално ќе влијае врз способноста за вклучување во социјални активности лице в лице. Од клучно значење е одржувањето здрава рамнотежа помеѓу играњето видео игри и останатите социјални активности. Времето поминато на игри треба да биде во баланс со останатите обврски за да се избегнат негативните влијанија врз социјалниот живот, а да се зголемат позитивните.

Во контекстот на сето она што го кажавте претходно, ајде да извлечеме одговор на прашањето „Каков е вистинскиот ефект од видео игрите?“. Може ли да се каже дека видео игрите се корисни за оние коишто ги играат?

ГМ: За да разбереме каков и колкав е вистинскиот ефект од видео игрите, треба да ги разбиеме митовите коишто важат за нив, почнувајќи од најмалите и безопасните, па сè до оние големи заблуди и погрешни претпоставки коишто честопати произлегуваат во овие разговори. Видео игрите напредуваат, самиот гејминг и пристапот кон него еволуира, а луѓето учат различни начини како да го направат ова хоби позабавно, подруштвено, па дури и попрофитабилно, до тој степен што за некои луѓе тоа дури претставува и професионална преокупација. Ако им пристапиме на видео игрите со одговорност и со доза на љубопитност, ќе видиме дека постои цел еден свет на можности којшто тие ни го нудат, преку којшто можеме да совладаме низа навики и вештини коишто можат да ни користат и во приватниот живот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг