Саботажа во ИЈЗ: Кој ги исклучил склопките на коморите за чување реагенси, Обвинителството отвори предмет

Макфакс

01/08/2024

12:37

2.529

Големина на фонт

а а а

Вчера околу 17 часот во СВР Скопје од Институт за јавно здравје било пријавено дека во временскиот период од 14.30 до 16.00 часот од страна на вработен биле исклучени сите склопки на коморите каде се чувале реагенси за испитување на заразни и незаразни болести, соопшти МВР.

„Излезено е на местото на настанот од полициски службеници од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои в соопштението на МВР.


Кој ги исклучил склопките на коморите за чување реагенси во ИЈЗ

По информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство информира дека итно оформило предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело.


„Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија“, соопштија од обвинителството.

Појаснуваат дека се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија, како што велат, јавноста ќе биде известена.