Пионерскиот потег на Македонски Телеком за поставување на првиот подводен кабел за оптика во Дебарското Езеро, којшто беше и медиумска тема минатата недела, е повод за интервјуто што следува. Самоил Ангеловски, одговорен за фиксни пристапни мрежи во Македонски Телеком и лидер на овој проект којшто се реализира за првпат на територијата на Македонија, е нашиот соговорник со кого разговараме за важноста на подвигот, техничките перформанси, ефектите...
Ангеловски вели дека проектот е резултат на иновативното размислување и амбицијата со којашто Македонски Телеком ја гради мрежната инфраструктура на иднината, а со тоа создава и своевидна историја во телекомуникацискиот сектор во државата. Овој проект, како што тој вели, е првиот чекор којшто овозможува запознавање и утврдување на приоритетите при поставување подводни кабли, а којшто во следната фаза ќе отвори можност за повеќе приклучоци, повеќе корисници, подобра и посовремена услуга.
Накратко, затоа што требаше да решиме постоечки проблем, но и затоа што ја имавме можноста да направиме нешто што никој претходно го нема направено во нашата земја. Одлучивме да бидеме храбри и да иновираме и во овој домен, да го искористиме нашето знаење собрано низ годините, но и да стекнеме ново за да имплементираме подводен кабел за оптика, што годиниве е сè почесто користено решение насекаде низ светот. Имено, до овој момент нашиот телекомуникациски центар во Дебар беше поврзан со еден оптички кабел и во случаите кога се прекинува постојниот кабел се јавуваше проблем со работата на транспортната мрежа на Телеком. Сега, трасата на новиот кабел физички треба да биде различна од трасата на постојниот кабел. Со новиот кабел ќе се поврзат телекомуникациските станици во Папрадник, Новак, Нерези и Јабланица, а воедно ќе се обезбеди и оптичка поврзаност на попатните базни станици на Телеком. Но, секако, постојат и други фактори коишто влијаеа на одлуката. Така, на пример, процесот на поставување на подводниот кабел не ја загрозува природата, што е потврдено и со мислењето коешто го добивме од соодветните надлежни органи. Како компанија, Македонски Телеком секогаш се обидува да работи и да размислува „зелено“ и токму затоа и ова беше силен аргумент за поставувањето на кабелот под површината на Дебарското Езеро.
Секако дека примарната идеја е да се создадат услови за подобра и поквалитетна мрежа, дури и во претежно планински региони каков што е дебарскиот. Сепак, веднаш во овој момент, кабелот не може да обезбедува оптика до корисниците затоа што наредната фаза предвидува поставување оптички црева коишто треба да се искористат за да се донесе оптика до корисниците во населените места коишто ги посочив погоре.
Апсолутно, клучот на успешната работа се крие во добрата подготвеност и упорноста на тимот којшто работеше на оваа активност. Нашиот локален тим доби помош од колегите од OTE, од Грција, при изготвувањето на техничкото решение за поставување на подводниот кабел и тие ни помогнаа во процесот на селекција и евалуација на специјализирана фирма за поставување подводни кабли. Одбравме фирма од Грција којашто има претходно искуство со поставување подводни кабли и таа ни го обезбеди дури и нуркачкиот тим којшто физички ги постави каблите под површината на езерото. Од огромна важност ни беше да составиме тим којшто е добро запознаен со оваа проблематика и којшто ќе ја сфати важноста на прашањето зошто постојано бараме нови можности и нови начини да ги поврземе нашите корисници.
Современите подморнички оптички кабли вообичаено се дебели околу 3 сантиметри и се составени од повеќе слоеви заштитен материјал завиткан околу јадро од стаклени влакна. Најгорниот заштитен слој е составен од впредени челични жици, којшто ги прави каблите отпорни на околните влијанија и тешки за оштетување.
И да, тие лежат на дното на езерата и на водните површини во коишто се поставуваат. Тоа е точно. Ваквата инсталација е побезбедна дури и од копнената, бидејќи има значително помалку можности за оштетување и пречки во услугата. Почетокот на кабелот е закопан под површината на брегот и оттаму се спушта под вода, што значи дека нема да го видите ако прошетате покрај езерото или пак ако се обидете да се спуштите во него.
Овој проект претставува искуство од непроценлива важност за во иднина, кога ќе има нови слични проекти. Секако дека постојат идеи за поставување и други подводни кабли, само потребно е добро да се проучи теренот и да се сфатат сите негови карактеристики пред да го преземеме следниот чекор. Она што е позитивно е дека сега веќе не почнуваме од нула – имаме успешно реализиран проект и кабел за оптика поставен во водите на Дебарското Езеро. Секако, продолжуваме и во иднина да ги разгледуваме сите можности за подобрување на услугата и за зајакнување на мрежната инфраструктура. Целта ни е да ги поврземе сите со можностите на денешницата.