Американската потпретседателка Камала Харис ја започна својата кампања за претседателските избори со митинг во Висконсин, првпат како кандидатка на Демократската партија, откако обезбеди доволно гласови од делегатите за номинацијата.
Се очекува делегатите официјално да номинираат претседателски кандидат на Демократската национална конвенција во Чикаго во август.
На вчерашниот митинг во Висконсин, една од клучните држави за исходот од ноемвриските избори, Харис рече дека „патот до Белата куќа минува низ Висконсин“ и вети дека ќе ги обедини демократите.
„Ви ветувам дека во наредните недели ќе продолжам да ја обединувам партијата за да бидеме подготвени за победа во ноември“, рекол Харис, пренесува АП.
Таа нагласи и дека една од целите на нејзиниот мандат, доколку победи на изборите, ќе биде зајакнување на средната класа.
„Ние веруваме во иднина во која секој човек има шанса не само да преживее туку и да напредува, иднина во која ниедно дете нема да расте во сиромаштија, каде секој работник може слободно да се приклучи на синдикатот“, рече Харис.
Таа го нападна и поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп, споредувајќи го нејзиното искуство како обвинител со поранешниот претседател осуден за кривично дело.
„Во оваа кампања, ви ветувам дека гордо ќе ги споредувам моите резултати со неговиот секој ден...Дали сакате да живеете во земја на слобода, сочувство и владеење на правото, или земја на хаос, страв и омраза? “, праша Харис и го обвини Трамп дека сака да ја врати земјата назад.
Таа наведе и голем број либерални приоритети, меѓу кои и дека ќе го прошири пристапот до абортус по одлуката на Врховниот суд да го укине тоа право на федерално ниво.
„Ќе ја запреме екстремната забрана на Доналд Трамп за абортус бидејќи веруваме дека жените можат сами да одлучуваат за своето тело, а не владата да им кажува што да прават. Кога Конгресот ќе го усвои законот за враќање на репродуктивните слободи, јас ќе го потпишам како претседател на САД“, рече Харис.
Според анкетата на Ројтерс/Ипсос на регистрираните гласачи во понеделникот и вторникот, откако претседателот Џо Бајден се повлече од трката, Харис има предност од 44 наспроти 42 отсто пред Трамп на национално ниво.
Претходните анкети на јавното мислење, спроведени пред одлуката на Бајден, покажаа дека се изедначени или дека Трамп има предност од еден процент.
Во вторникот кандидатурата на Харис ја поддржаа лидерите на демократското мнозинство во Сенатот Чак Шумер и на малцинството во Претставничкиот дом Хаким Џефрис.
„Сега кога процесот е имплементиран, ние сме денес тука да ја поддржиме потпретседателката Камала Харис“, рече Шумер на заедничката прес-конференција со Џефрис. Тој додаде дека „несебичната одлука“ на претседателот Бајден да се повлече од трката „и даде шанса на Демократската партија да се обедини за поддршка на новиот кандидат“.
Повеќе од 3.000 делегати ја поддржаа Харис, лесно надминувајќи го мнозинството од 1.976 што ќе и треба на конвенцијата за да ја добие номинацијата, според бројките на Асошиетед прес објавени доцна во понеделникот. Бројката се заснова на јавните соопштенија на партијата во државите и интервјуата со поединечни делегати, според АП.
„Со нетрпение очекувам наскоро официјално да ја прифатам номинацијата“, рече Харис доцна во понеделникот.
Трамп сака повеќе од една дебата со Харис
Трамп и неговите сојузници се обидуваат да ја поврзат Харис со некои од непопуларните политики на Бајден, како на пример справувањето со ситуацијата на границата со Мексико.
Трамп во вторникот рече дека сака „повеќе од една“ дебата со Харис и дека верува дека ќе бидам полесен противник од Бајден.
„Таа е далеку порадикална од него...Затоа мислам дека треба да биде полесна од Бајден, бидејќи тој беше малку мејнстрим, но не многу“, им рече Трамп на новинарите.
Тој потсети и на неуспешната кандидатура на Харис за демократската претседателска номинација за изборите во 2020 година.
„Ако таа ја води кампањата како порано, тогаш претпоставувам дека нема да биде премногу силна“, рече Трамп.
Демократскиот кандидат ќе биде избран до 7 август
Дури и пред претседателот Бајден да го објави своето повлекување од трката, демократските лидери планираа да одржат виртуелно гласање пред конвенцијата, која ќе трае од 19 до 22 август.
Додека официјалните лица ќе се сретнат во среда за да го финализираат процесот, претседателот на Демократскиот национален комитет Џејми Харисон во понеделникот им рече на новинарите дека партијата ќе го избере својот кандидат до 7 август.