Перински се состана со градоначалниците од Источниот Плански Регион: Ме радува што општините покажуваат подготвеност за реализација на издржани проекти

Макфакс

15/07/2024

15:44

583

Големина на фонт

а а а

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска имаше средба со сите градоначалници од Источниот Плански Регион.

„Сакам да ве слушнам сите, изворно да се информирам за потребите на општините и што може јас како министер и Владата да помогнеме за да се подобрат условите за живеење и воопшто за развој на општините“, рече министерот за локална самоуправа, Перински.

По разговорот со градоначалниците, Перински рече дека го радува она што општините покажуваат подготвеност за реализација на многу добри и издржани проекти, а со поддршка од Владата заедно можеме да направиме многу повеќе за граѓаните и за развојот на секое населено место и општина.

Министерот за локална самоуправа ги информира градоначалниците за можностите и за постапката за финансирање проекти веднаш по ребалансот на буџетот на државата. Перински ги охрабри локалните власти да подготвуваат квалитетни проекти, кои ќе произлегуваат од потребите на граѓаните. Тој истакна дека е неопходно општините да располагаат со добра проектна идеја, со целосна проектна документација и секогаш да ги имаат предвид приоритетните потреби на граѓаните зашто најважно е тие да се задоволни од сработеното. „Потребен ни е развој на општините за да се создадат нови, подобри можности за граѓаните, за да се намали иселувањето и секој да има услови за квалитетен живот дома“, рече Перински.

Исто така, беа споменати неколку проекти, кои се готови и за кои ќе се аплицира, како што се: изградба на нова обиколница во Штип, нов локален пат Делчево – с. Бигор, во должина од осум километри и регулација на две речни корита во Виница.