Средба Тошковски – Гир: Продолжува поддршката на ЕУ во реформите и јакнење на капацитетите на македонската полиција

Макфакс

04/07/2024

14:51

480

Големина на фонт

а а а

Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, оствари работна средба со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Тошковски на средбата ја изрази својата благодарност за поддршката и соработката за време на техничката влада и за континуираната поддршка што нашата земја, но и МВР, ја добива во насока на реформирање и модернизација на институциите.

Изрази уверување дека соработката и поддршката од ЕУ во следниот период само ќе се зголемуваат, конкретно и во областа на безбедноста.

На средбата министерот ги претстави главните приоритети на Министерството, во кои ќе биде потребна експертизата на ЕУ во постигнување на европските стандарди, со крајна цел што побргу да станеме дел од големото европско семејство.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, ја потенцира тековната соработка на БЈБ во рамките на постојните проекти и искористувањето на фондовите од ЕУ, ги појасни планираните реформи на БЈБ и потенцира дека во фокус ќе бидат и евентуални злоупотреби на европски пари во државата за што ќе се спроведат и соодветни истраги.

Амбасадорот Гир ги истакна тековните проекти и поддршката што ја имаме од страна на ЕУ во делот на јакнење на капацитетите на МВР, особено во делот на илегалната миграција, борбата со организираниот криминал и ги посочи предизвиците во кои треба се фокусираме во иднина во насока на доближување на европските стандарди.

Гир ја даде својата поддршка во реформските процеси и ја потенцира и можноста за поддршка од системот на ЕУ за справување со евентуални шумски пожари во летниот период.



Спонзорирани линкови

Маркетинг