Џо Бајден се надеваше дека ќе ја смири загриженоста за неговата возраст и менталниот капацитет во првото соочување во претседателската трка во 2024 година. Наместо тоа, неговата 90-минутна презентација дополнително ја поттикна.
Еве неколку реакции од демократите:
Мариа Шивер, поранешна прва дама на Калифорнија и внука на Џон Ф. Кенеди, вели дека иако го сака Бајден, соочувањето било срцепарателно и дека кај Демократите завладеала паника.
„Соочувањето беше целосно предвидливo. Бајден имаше многу ниски цели за пресметката и не успеа ниту да ја постигне“, вели Хулијан Кастро, поранешен градоначалник на Сан Антонио и член на кабинетот на претседателот Барак Обама.
Ендрју Јанг, кој се кандидираше против Бајден на демократските прелиминарни избори во 2020 година, рече: „Демократите треба да номинираат некој друг – пред да биде предоцна“.
Зборувајќи за Њујорк Тајмс, неименуван ветеран демократ рече дека претседателот ќе се соочи со се поголеми повици да се повлече: „Џо беше почитуван од демократите. Сега тоа испари“.
Но, некои демократи, како Камала Харис, останаа оптимисти.
„Да, почетокот беше млак, но крајот беше моќен“, рече Харис на Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот републикански ривал Доналд Трамп разменија неколку лични навреди во долгоочекуваната дебатa.
Двајцата кандидати разменија i аргументи и критики за абортусот, имиграцијата, војните во Украина и Газа, нивното управување со економијата, па дури и го допреа своето играње голф.
Бајден првично звучеше несугурно и повремено пелтечеше во својот говор, додека поенергичниот Трамп почна серија вербални напади кои вклучија и неколку веќе „истрошени лаги“, вклучувајќи тврдења дека мигрантите предизвикале бран на криминал и дека демократите поддржуваат чедоморство, објави „Ројтерс“.
Двајца претставници на Белата куќа рекоа пред дебатата дека Бајден е настинат, но според Ројтерс, неговиот настап вознемири некои демократи и може да ја продлабочи загриженоста на гласачите дека 81-годишниот е премногу стар за уште еден четиригодишен мандат.
Еден од главните донатори на Бајден, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека настапот на Бајден е „дисквалификувачки“ и рече дека очекува нова рунда повици за тој да се повлече пред националната конвенција на партијата во август.
Како што се развиваше дебатата, се чинеше дека Бајден почна повеќе да се фокусира на нападот на Трамп, меѓу другото, нарекувајќи го „престапник“ поради неговото убедување за прикривање тајни плаќања на порно ѕвездата Сторми Даниелс.
Како одговор, Трамп потсети дека синот на Бајден, Хантер, неодамна беше осуден за лажење за употреба на дрога за да купи оружје.
Запрашан за нападот на толпата негови поддржувачи на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, Трамп одби да прифати каква било одговорност и тврдеше дека многу од уапсените се невини.
Бајден го обвини Трамп дека овозможил укинување на правата за абортус низ целата земја со назначување на конзервативци во Врховниот суд на САД. Трамп одговори дека Бајден не поддржува никакви ограничувања за абортусот и тврди дека враќањето на ова прашање во државите е вистинската работа.
Трамп, исто така, рече дека Бајден не успеал да ја обезбеди јужната граница на САД, што донесе многу криминалци во земјата, обвинувајќи го Бајден за „мигрантски криминал“.
Бајден одговори дека претерува и повторно лаже.
Актуелниот американски претседател рече дека се сомнева оти Трамп ќе ги прифати изборните резултати доколку ги загуби, нарекувајќи го поранешниот претседател „лелекач“.
Кога станува збор за надворешната политика, Трамп го нарече повлекувањето на американските војници од Авганистан „најсрамниот ден во историјата на животот на нашата земја“.
Тој исто така ги повтори своите тврдења дека ќе стави крај на војната во Украина доколку биде реизбран, но повторно не даде никакви детали како ќе го постигне тоа. Тој исто така изјави дека условите што ги претстави рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина „не се прифатливи“.
Тој директно не одговори дали ќе поддржи независна палестинска држава за прекин на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, но рече и дека минатогодишниот напад на Хамас врз Израел немаше да се случи доколку тој беше претседател.
Во студиото на Си-Ен-Ен во Атланта немаше публика, а двајцата кандидати не се ракуваа на почетокот на дебатата.
Првите прашања беа фокусирани на економијата, бидејќи анкетите покажуваат дека Американците се незадоволни од работата на администрацијата на Бајден.
Бајден призна дека инфлацијата била значително повисока отколку на почетокот на неговиот мандат, но исто така тврди дека заслужува признание за нејзиното задржување, особено во контекст на влијанието на пандемијата на коронавирусот.
Трамп тврдеше дека пред пандемијата на коронавирус, економијата на САД била најсилната во историјата и дека по избувнувањето на пандемијата, тој презел чекори за да спречи уште повеќе да се продлабочи економскиот слободен пад.
Бајден го обвини Трамп дека му оставил „страшна“ економија, додека Трамп рече дека справувањето со пандемијата на Бајден е „катастрофа“ и дека „инфлацијата апсолутно нè убива“.
Бајден и Трамп се двајцата најстари кандидати за претседател на Соединетите Американски Држави во историјата, и двајцата влегоа во дебатата со политички ранливости кои претставуваат мешавина од ризик и можности. Пресметката се случува многу порано од вообичаено, повеќе од четири месеци пред изборите на 5 ноември и во време кога предизборните анкети предвидуваат мртва трка.