На британските избори ќе има и „AI“ кандидат

Точка

19/06/2024

14:48

5.967

Големина на фонт

а а а

„AI Steve“, како што ќе пишува на гласачките ливчиња, во реално време разговара со жителите во својата изборна единица за разни прашања и потоа им предложува идеи за можните политики и бара нивни мислења.

Гласачкото тело на еден англиски град ќе може да гласа на изборите следниот месец за кандидатот кој е генериран од вештачката интелигенција, меѓу првите такви во светот.

Бизнисменот Стив Ендакот е еден од стотината кандидати за Британскиот парламент на изборите на 4-ти јули, но лицето на неговиот предизборен леток не е фотографија од тој 59-годишен маж, туку аватар генериран од вештачката интелигенција.


„Основаме партија и по овие избори ширум земјата ќе регрутираме нови кандидати од вештачка интелигенција, а ова го гледаме како почеток, камен темелник за нешто големо и демократско“, рекол Ендакот за „Reuters“.

Ендакот, чија компанија „Neural Voice“ е одговорна за неговиот „AI“ алтер его, рекол дека фрустрацијата од стандардната политика го поттикнала да се кандидира како независен кандидат во Брајтон, на југот на Англија.

„AI Steve“, како што ќе пишува на гласачките ливчиња, во реално време разговара со жителите во својата изборна единица за правата на LGBTQ лицата, станбените и комуналните прашања и имиграцијата. Потоа им предложува идеи за можни политики и бара нивни предлози.


Повеќето гласачи се против

„Ќе ја користиме вештачката интелигенција во толку подрачја – на работа, во социјални интеракции. Зошто да не ја ставиме и во политиката“, вели 23-годишната хуманитарка Еона Џонстон откако го запознала „AI Steve“ во близина на познато пристаниште во Брајтон. „Тоа би можело да го промени начинот на кој живееме“.

Но, изгледа дека повеќето луѓе, сепак, не се склони кон гласање за кандидат со вештачка интелигенција.


„Вештачката интелигенција и политичарите имаат една заедничка работа – не може да им се верува“, рекол 42-годишниот Енди Клосон. Џин Чик, 37-годишен сметководител од Брајтон, истакнал дека пратениците во парламентот мора да ги застапуваат луѓе од својата изборна единица.

Британската изборна комисија, на прашањето за тоа што ќе се случи како „AI Steve“ победи на изборите, одговорила дека „Ендакот ќе биде пратеник во парламентот, а не некоја негова верзија во облик на вештачка интелигенција“, пренесува „Hina“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг