Детали за двојното убиство во Кратово: со години пријавувале семејно насилство и убиените сопруг и свекор и 36-годишната осомничена

Макфакс

15/06/2024

12:58

4.570

Големина на фонт

а а а

Пријави за семејно насилство му претходеле на двојното убиство во Кратово. За неколку години имало неколку пријави и од 36-годишната В.И. која е осомничена дека со остар предмет ги убила сопругот и свекорот.

Пријавувала и таа, но имало пријави и против неа. Убиството е извршено со нож.

Вчера вечер, полицајците во Кратово уапсиле 36-годишна жена која е осомничена дека со остар предмет ги убила сопругот и свекорот, извести МВР.


„На 13.06.2024 во 22.08 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода В.И.(36) од Кратово. Таа се сомничи дека во семејната куќа во Кратово со остар предмет ги нападнала нејзиниот сопруг Ј.И.(38) и неговиот татко С.И.(63), кои починале од здобиените повреди. По насоки на јавен обвинител телата на починатите биле предадени на обдукција“, соопштија од МВР.

Жената била приведена и задржана во полициска станица и по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОЈО за двојното убиство: Сопругот ја тепал, па зела нож и ги убила него и свекорот

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 36 – годишна жителка на Кратово, осомничена дека сторила кривичнo делo – Убиство од член 123 став 3 во врска со став 2 точка 2 од Кривичниот законик.

Јавното обвинителство денеска соопшти дека при вршење семејно насилство вчера осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот.

По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на лице место.

По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка и определи 30-дневен притвор на осомничената.



Спонзорирани линкови

Маркетинг