[ФОТО] Научниците не можат да поверуваат: Старите Еѓипќани пред 4.000 години се обиделе да оперираат тумор

Точка

29/05/2024

21:37

19.130

Големина на фонт

а а а

Старите Египќани се обидувале да го разберат и да го лекуваат ракот пред повеќе од 4.000 години, веруваат научниците.

Истражувачите пронашле траги од резови на череп околу голема лезија за која се верува дека е предизвикана од канцероген израсток.

Тие, исто така, пронашле 30 помали лезии низ черепот, што сугерира дека ракот се проширил.


Черепот му припаѓал на маж кој имал околу 30 до 35 години кога починал, велат истражувачите.

Истражувачите известуваат дека резовите најверојатно биле направени со остар предмет, што укажува на тоа дека древните Египќани можеби се обиделе да го оперираат туморот.

„Кога првпат ги погледнавме парчињата под микроскоп, не можевме да веруваме што е пред нас“, вели Татјана Тондини, истражувач од „Универзитетот во Тубинген“, Германија.

Но, Едгард Камарос, палеопатолог од „Универзитетот во Сантијаго де Компостела“ во Шпанија, смета дека хируршките засеци би можеле да бидат резултат на медицинска обдукција за да се дознае повеќе за болеста по смртта.


„Двете можности откриваат хируршка интервенција тесно поврзана со тумори – и тоа е неверојатно. Ова откритие е уникатен доказ за тоа како древната египетска медицина се обидела да се справи или да го истражи ракот пред повеќе од 4.000 години. Ова е извонредна нова перспектива во нашето разбирање на историјата на медицината“, истакнува Камарос.

Според наводите на истражувачкиот тим во нивното истражување објавено во списанието „Frontiers in Medicine“, се сугерира дека иако ракот често се смета за болест предизвикана од човекот со влијание врз факторите во животната средина, како што се загадувањето и исхраната, болеста била присутна и кај древните цивилизации.


„Вистина е дека ракот се перцепира како модерна болест, главно поврзана со западните навики и канцерогените материи од околината. Сепак, ракот е со нас од самиот почеток, на многу начини. Дури и диносаурусите страдале од рак“, заклучува Камарос кој е водечки автор на студијата.

Старите Египќани биле познати по тоа што биле многу вешти во медицината и имале напредно познавање на анатомијата и хирургијата.

Доказите сугерираат дека тие биле во можност да идентификуваат, опишат и да лекуваат рани, болести и фрактури и да нанесат забни пломби.

Но, ракот сè уште бил граница на медицинското знаење, велат истражувачите.


Тие анализирале и друг череп, стар повеќе од 2.000 години, кој припаѓа на жена која можеби имала над 50 години. На него е откриена голема лезија што соодветствува на канцероген тумор кој ја уништил коската – открија истражувачите.

„Знаеме дека станува збор за рак врз основа на карактеристиките на лезиите на коските, кои најчесто се поврзани со создавањето и со уништувањето на коските. Кога ги анализиравме коскените структури со микро-КТ скен внатре, откривме многу јасни канцерогени карактеристики“ , зборувал Камарос.

Двата черепа потекнуваат од колекцијата „Duckworth“ на „Универзитетот во Кембриџ“, во која се наоѓа една од најголемите колекции на човечки останки во Велика Британија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг