Тренерот на Дортмунд во пресрет на финалето од Лигата на шампионите: Можеме да го победиме Реал во еден натпревар

Точка

28/05/2024

12:01

1.667

Големина на фонт

а а а

Реал Мадрид и Борусија Дортмунд во сабота од 21 часот ќе го играат финалето на Лигата на шампионите на Вембли. Един Терзиќ, тренерот на клубот од Дортмунд кој го освои петтото место во Бундеслигата, верува дека можат да го победат Реал. „Ќе се соочиме со исклучително силен тим кој често игра во финале, но знаеме дека се е можно во еден натпревар“, изјави Терзиќ за УЕФА.

„Да игравме десет пати со Реал Мадрид, веројатно ќе беше тешко да се победи во целина, но на еден натпревар, во текот на 90 или 120 минути и пенали, можеме да го победиме секој противник во светот“, додаде Терзиќ. Реал е фаворит во Лондон и тоа ќе им биде шесто финале во Лигата на шампионите во последните десет години.

Терзиќ, кој ги води жолто-црните од летото 2022 година, повтори дека оваа сезона веќе успеале да ги совладаат Њукасл, Милан, ПСВ, Атлетико Мадрид и ПСЖ. „Од натпревар во натпревар ни беше се потешко, а сега кога стигнавме до тука сакаме да го направиме и овој последен чекор“, истакна Терзиќ.


Кревањето на трофејот во Лигата на шампионите би било остварување на сонот за Терзиќ, чија мајка е од Хрватска, а татко од БиХ. Роден е пред 41 година во мало германско гратче во близина на Дортмунд, а на телевизија гледал како Борусија стана европски првак во 1997 година.

„Тогаш имав 14 години. Следниот ден бев на аеродромот кога играчите слетаа со брат ми (од Минхен, каде се играше финалето)“, рече Терзиќ, кој ја снимил победата од 3:1 над Јувентус и ја гледал неколку пати.


Бил помошник на Славен Билиќ

Играше за нисколигашки тимови, а потоа се посвети на тренерската работа. Вршеше неколку должности во Борусија, беше помошник на Славен Билиќ во Бешикташ и Вест Хем, а потоа се врати во Дортмунд и се проби до клупата на првиот тим.

„Нема формула за успех затоа што работите со луѓе“, смета Терзиќ, додавајќи: „Секој ден има нови предизвици, нови задачи што некому му ги давате, па не можете да стоите во место. Секој ден учите нешто за групата која ја водите и со која работите, и секако за себе“.


Терзиќ признава дека му недостига искуството што ќе го има неговиот ривал Карло Анчелоти (64), кој четири пати ја освои ЛШ. „Иако сум тренер половина од мојот живот, сепак сум млад во оваа работа“, изјави Терзиќ, кој е три години постар од Лука Модриќ од Реал. Ова е негово прво финале во Лигата на шампионите.

„Затоа користам поискусни луѓе за да не правам грешки кои можат да се избегнат“, објасни Терзиќ, убеден дека Борусија може да стане шампион на Европа доколку неговиот тим покаже „оптимизам, заедништво, борбеност и храброст“.