Точка интервју со Весна и Милиана: Потребата за ексклузивен женски клуб нè доведе до остварување на нашата бизнис идеја

Точка

22/05/2024

16:30

80.235

Големина на фонт

а а а

Теоретски знаеме дека грижата за менталното и физичкото здравје е клучна за да можеме да живееме, функционираме и работиме беспрекорно. Во денешно време, кога сè ни е на „дофат од само еден клик“, треба и практично да се фокусираме да ги заштитиме нашето тело и ум.

Токму на оваа тема, Точка разговараше со две девојки кои стојат зад приказната наречена „Реформер Клуб Скопје“ – Весна и Милиана, „одговорните лица“ за отворањето на овој специјализиран клуб за пилатес на реформер.


1. Меѓу новитетите во вежбањето и одржувањето на кондицијата во поново време сè почесто се споменува терминот реформер пилатес, што всушност значи ова и за каков тренинг станува збор?

Речиси 100 години пилатесот е ефикасен режим на вежбање кој го зајакнува и тонира телото. Популарните вежби со мал телесен стрес развиени од Џозеф Пилатес комбинираат стабилизација на јадрото, сила, флексибилност, рамнотежа и правилно усогласување на дишењето и движењето. Реформерот е уникатно парче опрема кое обезбедува огромна разновидност за неверојатен тренинг за целото тело за неколку минути, кој ви помага да пронајдете должина и простор во телото додека сте под напнатост од пружините. Далеку од само вежбање за вашето јадро ова парче апарат помага да се создаде внатрешен притисок за да се издолжат ’рбетот, зглобовите и мускулите што потоа води до поголема флексибилност, сила, издржливост и побалансирано држење.


1. Колку трае, како изгледа еден тренинг и како се изведуваат вежбите?

Во зависност од тоа дали се работат индивидуални или групни тренинзи времетраењето може да варира од 50 минути до 1 час.

Секој тренинг започнува со соодветно загревање 3-5 минути, каде се употребуваат вежби за загревање на зглобовите и мускулите и постепено се воведува движењето на телото да биде во ритам со дишењето. Потоа следува серија на вежби наменети за целото тело што трае 40-45 минути и на крај има завршна фаза или фаза на вежби со акцент на истегнување каде вежбачите треба да го смират телото и дишењето. Во Реформер клуб Скопје сесиите се поделени во групи. Пред да започне со вежбање во група секој вежбач поминува интро час – 2 индивидуални часа со инструктор, каде преку тренингот добива мала обука за користење на реформерот и информација за својата физичка спремност, добива препорака во која група е најдобро да почне со редовни тренинзи. Има групи кои се фокусирани за почетници, до групи со средно и напредно ниво, како и групи за пренатал и постнатал.


2. Што сè е потребно за еден тренинг и во однос на опремата на клиентот, но и реквизитите?

За тренинг ви се потребни маичка, хеланки, чорапчиња (вежбаме боси), редовно и навремено присуство и добро расположение, за сè останато ќе се погрижиме ние. 😊


3. Со оглед на тоа дека пилатесот првично бил создаден во медицински цели очигледно дека не постојат ограничувања кој сè може да вежба, но дали има препорака кој сè (лица со кои медицински состојби) би требало да ги посетува овие тренинзи?

Пилатесот е за секого – и реформерот не дискриминира, тој е таму за да ни помогне на сите. Од клиенти на рехабилитација на кои им е потребна поддршка од пружините за да го подобрат нивното закрепнување, до работници кои премногу седат, професионални спортисти, пред или постнатално и сите кои се на фитнес патување. Но сепак пред да започнете нов режим на вежбање, какво било вежбање или спортска активност, наша препорака е секогаш да се консултирате со вашиот доктор.


4. Обично кога се почнува со некаков режим на исхрана и вежбање првото прашање што нè измачува сите е – кога резултати … Кога станува збор за реформер пилатесот – кои се најголемите придобивки и кога реално може да се очекуваат првите видливи резултати?

Успехот не доаѓа преку ноќ. Мора да си поставите цели за да можете да напредувате. Дисциплината е клучен фактор за кои било резултати. Редовност на часовите, соодветна диета и добар сон се трите клучни работи што секогаш им ги препорачуваме на нашите вежбачи. Има еден цитат од Џозеф Пилатес кој стои на еден од нашите ѕидови, а тој е – „За 10 сесии ќе ја почувствувате разликата, за 20 ќе ја видите разликата, а за 30 ќе имате ново тело“.


И ние целосно се согласуваме со него. 😊

5. Можете ли да направите паралела меѓу реформер пилатесот и останатите видови вежбања кои вклучуваат справи, реквизити и сл.?

Човечкото тело е дизајнирано за физичка активност и на сите ни е познато дека вежбањето е важно. Она што го прави тренингот на реформер различен од останатите е тоа што телото се гледа во целина и тренингот е дизајниран да активира цели мускулни синџири преку активација на централното јадро (core), вежбите се со мал телесен стрес што ги штеди зглобовите и ’рбетот и ги прави мобилни и флексибилни, вежбите се приспособени според специфичните потреби на вежбачите и тренингот е лесен и забавен.


6. Она што е важно кога е во прашање пилатесот дека освен физичката активност, контролираните движења, дишењето на кое се посветува огромно внимание е дека секој тренинг се спроведува под будно око на инструктор, која е неговата задача и како воопшто се станува лиценциран пилатес инструктор?

Реформерот нуди многу комплексен сет на вежби кои често може да бидат контраинстиктивни. Со цел да се искористи целиот потенцијал на вежбањето потребно е да се следат насоки од инструктор кој има познавање од анатомија и биомеханика и кој има поминато обука за работа и ракување со справите. Доколку некој има желба да стане инструктор во нашето студио: кандидатот треба да има основа за работа со тело (спорт, пилатес, балет …), кандидатот треба да се стекне со познавање на анатомија и биомеханика, треба да помине обука за пилатес на простирка ниво 1 и 2 потоа се преминува на репертоар на вежби за работа на реформер ниво 1 и 2, нивно увежбување, следење на часови и пракса под надзор во интервал од 75 до 200 часа зависно од способностите на кандидатот. Имањето лиценца за завршена обука само по себе не е доволно за кандидатот да биде добар инструктор, потребно е континуирано работење и надоградување.


7. И за крај, зошто треба да се одбере реформер пилатес?

Пилатесот на реформер е за секој еден кој бара високи стандарди и фокусиран тренинг специјално скроен за неговите специфични потреби, без разлика дали барате тренинг со кој ќе се предизвикате себеси и ќе ја зголемите мускулната снага или тренинг со кој би ја одржувале вашата форма или би сакале да се вратите во форма постнатал. Нашето студио ве кани на интро тренинг каде може да се запознаете со начинот на вежбање и условите кои ги нудиме.




Доколку сте заинтересирани можете да нè исконтактирате на нашиот „Instagram“ профил – reformerstudioskopje.

Лоцирани сме во Т.Ц. Беверли Хилс II спрат.

Закажете го вашиот пробен тренинг на 070 258 232

Ве очекуваме!