Директорот на „Идризово“ за изгорениот автомобил: Ова се подмолни работи од кукавици, ќе се справиме со нив, најдени се траги

Макфакс

15/05/2024

16:26

2.011

Големина на фонт

а а а

Службениот автомобил на директорот на затворот „Идризово“ е седмиот изгорен автомобил на вработен во затворот во изминатата една и пол година. Опожарени беа автомобили на чувари, командири на одделенија, лани во април изгоре автомобилот на заменик-директорот, а утрово и на актуелниот директор Зоран Јовановски. Тој нема дилеми дека пожарот е подметнат.

„Ова се подмолни работи од кукавици. Има неколкумина во кои се сомневаме. Јавен обвинител веќе излезе на самото место, најдени се траги, а има и очевидци. Ќе најдеме начин да се справиме“, вели директорот Јовановски за „Макфакс“.

За него, заканите за вработените во затворот се секојдневна работа, вели дека постојано ги добиваат. Лани летото, откога беа опожарени шест автомобили на вработени во затворот, директорот Јовановски побара од министерот за внатрешни работи обезбедување во домовите на оние вработени што се на изложени места во затворот, пред сѐ, за заштита на нивните семејства, но не го доби.


„Беше утврдено дека не е изводливо да се обезбедуваат дома вработените, кои се секојдневно изложени на закани. Нема капацитет. Има безбедносни мерки додека се на работа, но надвор од затворот не. Кога државата не се грижи за нас, се снаоѓаме кој како умее“, рече директорот Јовановски.

Тој потврди дека неговиот службен автомобил е седмиот опожарен автомобил на вработен во „Идризово“, но вели дека ниеден од досегашните случаи не е расчистен.


Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањата од „Макфакс“ за опожарените автомобили на вработените во „Идризово“ ниту, пак, на прашањето за побараното дополнително обезбедување.

Обвинителството попладнево извести дека обезбедиле видеоснимки од околните објекти за опожарениот автомобил на директорот Јовановски и работат на утврдување на причините за пожарот, во кој немаше повредени, но направени се оштетувања на фасадата на зградата покрај кој бил паркиран, а изгореле и предмети на балконите на пониските катови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг