Гвардиола прогнозираше што ќе направи Арсенал на последните три меча во Премиер лигата

Дерби

30/04/2024

13:16

1.577

Големина на фонт

а а а

Арсенал мина многу тежок и незгоден тест изминатиов викенд и го победи Тотенхем на гостински терен со 2:3, резултат кој го натера Пеп Гвардиола да верува само во едно сценарио до крајот на сезоната.

Менаџерот на Манчестер Сити смета дека неговиот тим ќе ја одбрани титулата во Премиер лигата само ако победи на сите четири меча до крајот, бидејќи со актуелната форма, не гледа каде Арсенал би се „лизнал“ во завршните три рунди.

Сити има натпревар помалку од Арсенал и како најтешко гостување до крајот е она кај Тотенхем, додека Арсенал во завршните три кола игра два меча на домашен терен (Борнмут и Евертон), а му гостува на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“.

Гери Невил прогнозираше дека токму „Олд Трафорд“ може да биде гробница за Арсенал, но Гвардиола не верува во тоа и смета дека „топчиите“ ќе остварат „девет од девет“ во последните три кола.

– Титулата во Премиер лигата се уште е многу далеку од нас. Прашајте ме одново кога ќе бидеме на првото место и кога ќе има уште едно коло до крајот. Пред нас се уште четири меча и треба да искачиме голема планина. Се е во наши раце, но ако не победиме на еден од четирите меча, нема да ја освоиме Премиер лигата.

– Сметам дека Арсенал нема да загуби ниту еден бод до крајот и ќе победи на сите натпревари. Тоа значи дека ни преостанува само едно сценарио, а тоа е да победиме на сите наши натпревари. Сме биле во ваква ситуација и знаеме што треба да направиме, – изјави Гвардиола.



Спонзорирани линкови

Маркетинг