[ФОТО] Србите бесни поради планот на зетот на Трамп: „Тоа е како Талибанците да градат на местото на кулите близначки“

Точка

29/04/2024

18:19

5.146

Големина на фонт

а а а

За многу Срби би било како Талибанците да сакаат да изградат луксузен станбен комплекс на местото на срушениот „World Trade Center“ во Њујорк. Така во некои квартови на Белград беше прифатена веста за проектот предложен од Џаред Кушнер, зетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и Ричард Гренел, клучниот сојузник на Трамп.

Планот вклучува уривање на оштетениот некогашен штаб на југословенската армија, кој досега беше неофицијален споменик на српските страдања за време на бомбардирањето на НАТО на Белград во 1999 година. На негово место би се издигнал комплекс од луксузни станови и деловни простории во стилот на „Trump Tower“, пишува „Politico“.

Предлогот предизвика бес во Србија, фокусиран главно на историското значење на зградата - особено на фактот дека американска компанија (блиска до поранешниот претседател на САД) ќе го обнови симболот на бомбардирањето на градот под водство на Вашингтон.


„Срамота е местото каде што се убивани и бомбардирани луѓе да се претвора во место со џакузи и казина“, изјави Александар Јовановиќ Ќута, опозициски политичар кој прв ја објави информацијата за споменатиот план во февруари.

Според документите кои „протекле“ до Јовановиќ, преговорите се во тек најмалку од 2022 година. Според условите на предложениот договор, српското Министерство за инфраструктура би овозможило 99-годишен закуп на двете парцели земјиште на компаниите „Kushner Realty“ и „Atlantic Incubation Partners“.

По првичното „протекување“ на информациите, Кушнер ја потврди веста со споделување на дигитални прикази на развојните планови на „X“, кои исто така вклучуваат и проекти во Албанија. „Возбуден сум што споделувам некои детали од првичниот дизајн“, напиша Кушнер на „X“, споделувајќи слика од две осветлени кули на белградскиот хоризонт.

Колоквијално познато како зграда на Генералштабот, ова место во Белград некогаш служело како центар на военото разузнавање и оперативците на денес веќе непостоечката социјалистичка Југославија. За многу Срби, овие урнатини се потсетник на бомбардирањето на НАТО во кое САД и нивните сојузниците гаѓаа стратешки воени и политички локации во Србија, Црна Гора и Косово во обид да ја спречат кампањата за етничко чистење на српскиот моќник Слободан Милошевиќ.

Покрената е петиција

Повеќекатницата се протега преку важна раскрсница во центарот на градот. Трошната бетонска конструкција и заплетканите метални арматури останале главно недопрени со децении и покрај тоа што се наоѓаат веднаш од другата страна на улицата од седиштето на српската влада и Министерството за надворешни работи.

Гласините за интересот на семејството Трамп за оваа локација датираат уште од 2013 година, кога тогашниот премиер Ивица Дачиќ изјави дека поранешниот американски претседател - тогашен магнат за недвижности и реалити ѕвезда - е заинтересиран за изградба на луксузен хотел.

Гренел беше амбасадор во Германија и специјален пратеник за Србија и Косово за време на мандатот на Трамп, а исто така предложи градење на оваа локација во 2020 година додека неговиот шеф се подготвуваше повторно да се кандидира за претседател.


Последниот предлог доспеа во јавноста откако Јовановиќ објави документи кои покажуваат дека владата го овластила министерот за инфраструктура, Горан Весиќ, да потпише договор за инвестирање со компанијата на Кушнер, „Atlantic Incubations“. Претходниот меморандум за разбирање е потпишан во декември 2022 година со компанија поврзана со „Kushner Realty“.

„Документот нѝ го дадоа луѓе од внатре кои се длабоко против проектот. Причината зошто повеќето луѓе кои се против проектот не излегуваат во јавноста е тоа што знаат дека веднаш ќе бидат отпуштени и казнети поради тоа“, вели Јовановиќ. Тој и другите опозициски политичари покренаа петиција против проектот, собирајќи околу 22.000 потписи и најавија протести за да се спречи реализацијата на проектот: „Замислете американскиот претседател да учествува во разговори и да склопува тајни комерцијални договори со Кина или Русија за градење на места како што е ‘West Point’?“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг