Висок функционер од НАТО се сретна со Џафери: „Вие сте ценета членка во алијансата“

Макфакс

25/04/2024

13:32

600

Големина на фонт

а а а

Техничкиот премиер Талат Џафери вчера попладне се сретна со помошникот на генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли, во рамките на неговата посета на Скопје.

Џафери му посака срдечно добредојде на помошникот на генералниот секретар Лапсли и воедно го потврди придонесот на Северна Македонија во НАТО, кој во континуитет се зацврстува. Достигнувањето на 2,05 % од БДП во буџетот на одбраната, од кои 30 % се за модернизација на Армијата, се силен индикатор за тој придонес.

Воедно, со учеството во колективната безбедност преку мултинационалните сили на алијансата во Романија, во Бугарија и во Латвија, како и во мисијата на НАТО во Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА, земјата дополнително се позиционира и како еден од столбовите на регионалната стабилност.

На средбата двете делегации имаа можност да разговараат за самитот на НАТО во Вашингтон во духот на 75-годишнината на алијансата, како и за актуелните одбранбени планови имајќи ја предвид глобалната безбедносна состојба во Европа и светот.

Воедно, двете делегации ја потврдија и поддршката што земјите членки, вклучително и Северна Македонија, ја даваат за Украина.

Од страна на помошникот на генералниот секретар Лапсли беше истакнато дека Северна Македонија е ценета членка во алијансата имајќи го предвид целокупниот придонес што досега го има дадено. Алијансата е пообединета и посилна од кога било во својата историја, а со зачленувањето на Финска и Шведска, НАТО станува гарант на безбедноста на над 1 милијарда граѓани од демократскиот свет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг