Денеска на 75-годишна возраст, по кратко боледување почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на поранешна Југославија.
Џаро низ годините соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, но исто така беше познат и како „крал на местенките“ во фудбалот, нешто за кое што и самиот отворено зборуваше и никогаш не го криеше од јавноста.
Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена се само некои од музичките ѕвезди со кои соработуваше Џаровски и на кои им организираше турнеи. Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и бројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.
Познатиот Џаро остави силен впечаток и во југословенскиот фудбал, каде што, како што и самиот признаваше, наместил повеќе од 80 натпревари во сите рангови на натпреварување, оставајќи зад себе легендарни приказни за тоа.