Британија усвои нов закон, ќе испраќа мигранти во Руанда, реагираа претставниците на ОН

Макфакс

23/04/2024

12:13

640

Големина на фонт

а а а

Двајца високи функционери на Обединетите нации денеска ја повикаа Британија да го разгледа својот план за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалците.

Во заедничката изјава, Филипо Гранди, Високиот комесаријат на ОН за бегалци и Волкер Турк, Високиот комесаријат за човекови права на ОН, ја повикаа ОК наместо тоа, да преземе практична акција за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.

„Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Обединетото Кралство за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребно, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци“, рече Гранди.

Британскиот парламент вчера усвои закон со кој се дозволува илегалните мигранти да се испраќаат во Руанда каде ќе се разгледуваат нивните барања за азил. Британскиот премиер Риши Сунак вчера вети дека ќе почне да испраќа баратели на азил во Руанда во рок од 10 до 12 недели. Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во последниве години поминувајќи го Ла Манш со мали чамци на ризични патувања организирани од шверцери.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската влада, но критичарите велат дека планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехумано.

Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил кој ќе пристигне во Британија илегално ќе биде испратен во Руанда според шемата за која владата вели дека ќе го спречи преминувањето на каналот и ќе ја разбие сегашната шема на шверц на луѓе. Ова ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.



Спонзорирани линкови

Маркетинг