Укината социјалната помош на 1.134 лица оти имале возило и за 18 месеци ја оштетиле државата за над 2,5 милиона евра

Макфакс

15/04/2024

14:34

2.178

Големина на фонт

а а а

Министерството за труд изготвило 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална пензија на лица што 18 месеци незаконски добивале пари од државата оти не го исполнувале условот да немаат регистрирано возило на свое име.

Техничкиот министер за труд, Ѓоко Велковски, денес извести дека со незаконските исплати овие лица го оштетиле буџетот на Министерството за над 2,5 милиона евра.

„Констатирани се 1.134 незаконски исплати на социјална помош, која траела од јуни 2022 година до моментот кога го објавивме скандалот за што буџетот на Министерството е оштетен за 155.038.530 денари или над 2,5 милиона евра. Во моментот изготвени и донесени се 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци. Граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи, па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства“, рече техничкиот министер Велковски.


Во ковид-кризата беа олеснети условите за користење на социјалните права од аспект на поседување и користење моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Но, по завршувањето на кризата, во системот останале таквите лица и продолжиле да добиваат помош иако не го исполнуваат условот да немаат возило.

„Ковид-кризата завршува на 30.6 2022 година, но ништо не се презело за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и тие останале во системот за социјална заштита и ги користеле правата. Некои директори на центрите за социјална работа самоиницијативно вршеле проверка и правеле прекини во изминатиот период додека тоа не бил случај кај другите“, рече техничкиот министер Велковски.


Техничкиот министер најави дека истражните органи ќе утврдуваат чија е вината за незаконската исплата на социјална помош оти тој, како што нагласи, не бил ниту истражител ниту обвинител, туку имал обврска да ја сопре незаконската исплата на државни пари. Тој за милионската проневера со социјалната помош ја извести јавноста пред еден месец кога најави вонредни надзори во сите центри за социјална заштита во државата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг