Органите за ред се сè построги и поодлучни во намерата да ги скротат возачите кои се неодговорни и опасни како за себе, така и за другите.
Токму поради тоа, во Австрија од први март стапува на сила нова мерка во рамките на Законот за сообраќај, па полицијата ќе може да одзема автомобили на возачите кои ќе ја надминат брзината од 60 км/ч во населено место, односно 70 км/ч на автопат.
Автомобилите на ваквите возачи ќе бидат конфискувани на самото место, и тоа на период од две недели. Покрај тоа, секако, за ваквиот прекршок се останува и без возачка дозвола, со голема парична казна.
Предвидени се и поостри мерки – полицијата има можност за трајно одземање на возилото на лице кое е „непоправливо“, или доколку ја надмине дозволената брзина за 80 км/ч во населено место, односно 90 км/ч во ненаселено.
Ако дојде до ова трајно одземање на дозволата, автомобилите одат на јавна лицитација. Од сумата за која ќе се продаде возилото, 70% одат во нов Фонд за подобрување на условите во сообраќајот, додека преостанатите 30 проценти одат во локалната самоуправа каде што автомобилот е одземен.
Ако некои вози туѓ автомобил, тој може да биде само привремено одземен доколку се исполнат потребните услови, но самиот возач ќе биде драконски казнет.
Додека некои, како надлежната австриска министерка Леоноре Гевеслер, велат дека целта на овие казни е да застанат на патот на возачите кои лудуваат по патиштата, не се баш сите убедени дека овие драстични мерки ќе ги дадат саканите резултати.
„Нема истражување кое вели дека построги казни ги плашат возачите. Ова е навлегување во приватната сопственост, и тоа не е во надлежност на управните органи“, рекол Матијас Волф, шеф на правната служба „OAMTC“, австриски авто-мото клуб.