Кузминов го накодошил колега? Телото на пилотот дезертер сè уште е во мртовечница, професионалци го убиле на 50 метри од полиција

Точка

23/02/2024

23:33

5.265

Големина на фонт

а а а

Телото на Максим Кузминов, рускиот пилот на хеликоптер кој се предал во Украина, и натаму се наоѓа во Институтот за правна медицина во Аликанте и чека на официјална идентификација.

Кузминов е убиен на паркинг од станбена зграда во градот Виљахојос на шпанскиот брег на Медитеранот кој се наоѓа во близина на туристичкото летувалиште Бенидорм. Убиениот маж во себе имал лажна лична карта, меѓутоа, Украина потврдила дека станува збор за Максим Кузминов кој минатиот август слетал со хеликоптер во воздушната база во Харков, а дека не го известил остатокот од својот екипаж за планот за бегство.

Кузминов од Киев добил награда од 500.000 долари, додека Москва наводно му ја уценила главата и започнала судска постапка за велепредавство.

Убиството, кое шпанските разузнавачки служби го припишуваат на директна наредба од руските власти, го истражува Цивилната гарда под строга тајност и под надзор на истражниот суд во Аликанте.

Извори од шпанската влада наведуваат дека Кузминов одлучил да се пресели во приморскиот град каде живеат и околу 1.200 Украинци и 800 Руси. Шпанската влада наводно му обезбедила и лажна лична карта, но и заштита. Исто така, нема докази дека претходно патувал во Шпанија. Кузминов одлучил да се всели во населбата Ла Кали која се наоѓа покрај плажата. Тој дел од градот е полн со објекти со источноевропски производи, меѓутоа, Кузминов ги избегнувал за да не биде препознаен. Соседите од зградата биле странци кои доаѓаат во текот на туристичките сезони и одвај се познавале. Локалните медиуми наведуваат дека Кузминов ретко се впуштал во разговор.

Внимавал каде се движи

Пред зградата има бар кој го водат луѓе од источна Европа, меѓутоа, сопствениците велат дека Кузминов никогаш не доаѓал. Наводно повеќе сакал да појадува на сто метри подалеку во друг објект, каде нарачувал тостирано парче бел леб со сос од домати и шунка.

„Беше обично момче. Не се истакнуваше по ништо. Седеше и не разговараше со никого“, наведуваат од барот.

Пилотот исто така сакал да купува намирници во шпански супермаркети и покрај фактот дека на помалку од сто метри од местото на злосторството се наоѓа локал специјализиран за источноевропски производи. Во близина има и православен храм кој го посетуваат припадници на источноевропската заедница.

Пронајден пасош

Итната помош на 13-ти февруари во 16:48 часот добила дојава за можна несреќа на паркинг во станбениот блок каде што престојувал Кузминов. На местото на пукањето пристигнале неколку единици на локалната полиција чија станица е оддалечена на само 50 метри.

Пукањето се случило на еден од двата паркинзи на комплексот каде има две големи капии и пешачки пристап. Агентите веднаш ги пронашле чаурите. Телото лежело на земја со рани од куршуми и знаци дека бил прегазен со автомобил. Жртвата на основа на пасошот била идентификувана како државјанин на Украина кој има 33 години.

Неколку дена по пронаоѓањето на телото, возилото кое било користено во убиството било пронајдено опожарено во близина на соседниот град Ел Кампело.

Лажен идентитет

Инспекторите откриле дека пасошот на жртвата е лажен.

ЦИвилната гарда наредила скенирање на отпечатоците од прст и ДНК и стоматолошка анализа за да се обидат да го откријат вистинскиот идентитет на починатиот. Конечниот резултат од тестовите треба да биде доставен во прелиминарниот извештај за обдукцијата.

Процедурата за известување на најблиските и за повикување на релевантни страни за идно судење не е започната бидејќи засега истрагата и натаму е насочена кон утврдување на идентитетот на жртвата и расветлување на фактите за неговата смрт.


Некои сведоци во локалната полиција рекле дека видела како автомобил со огромна брзина го напушта паркингот каде Кузминов бил убиен. Не е разјаснето каде е застрелан Русинот. Не се знае ни дали во автомобилот патувал еден извршител или повеќе. Извори велат дека шпанските разузнавачи претпоставуваат дека двајца вооружени мажи ја минале шпанската граница за да ја завршат работата и потоа веројатно заминале.

Се истражува и како Русите дознале за прибежиштето на рускиот дезертер.

Засега постојат две главни теории. Една е дека го препознал колега од Русија, додека друга, која инаку ја поддржуваат украинските тајни служби, е дека пилотот и се јавувал на својата девојка и ја молел да го посети во неговата шпанска резиденција.

Истрагата сè уште е во тек и се држи во тајност.




Спонзорирани линкови

Маркетинг