[ВИДЕО] Пониски сметки за струја во првиот блок, пристап до мрежа од 200 денари ќе плаќаат и оние што штедат

Макфакс

26/12/2023

11:49

5.916

Големина на фонт

а а а

Корисниците на електрична енергија од првиот блок кои имаат најмала потрошувачка од први јануари ќе плаќаат поевтина струја, цената на струјата за корисниците од вториот блок останува иста, а поскапува струјата за корисниците од третиот и од четвртиот блок. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски ги соопшти нивите цени на струјата за домаќинства.

„Цената на струјата од 1 јануари се намалува за прв блок за 5,16%, втор блок и евтина се исти, трет блок се зголемува за 2,88% и четврт блок се зголемува за 1,86%. Доколку не се воведеше надоместок за пристап кон мрежа, цената на прв блок ќе се зголемеше за 3,4%, втор блок се зголемува за 8,62%, трет блок за 9,46%, четврт блок за 4,92% и евтината тарифа за 15,42%“, вели Бислимоски.

Со новиот концепт пристап кон мрежа, Бислимовски смета дека е направена  фер распределба на трошокот за мрежа меѓу редовните корисници и оние потрошувачи кои повремено ги користат објектите, а мрежарината се намалува за скоро 23%.

АД МЕПСО, Електродистрибуција и МЕМО побараа од Регулаторната комисија струјата од 1 јануари да поскапи 27%, но можноста за толкаво поскапување, претседателот Бислимоски ја исклучи кусо време по добивањето на барањата со најава дека ќе се анализираат пресметките.

Во сметката за електрична енергија ќе има уште една ставка, за пристап до мрежа, кој ќе го плаќаат сите, трошеле или не струја, која првенствено е наменета за сопствениците на викендици, станови или куќи кои не се во редовна употреба.

– Сите потрошувачи, односно домаќинства ќе плаќаат 200 денари за пристап на мрежа. Дополнително потрошувачката на струја се намалува во земјата пред се поради поставувањето на фотоволтаици на домаќинства и компани. Не беше фер тој товар да го поднесат потрошувачите кои не поставиле фотоволтаици на своите кровови. Ова е правилен пристап според нашата институција – додаде Бислимоски.