Разговор со Гордана Софија и Ханес Јекл од Мен енд Маунтен: За три години собравме 650 тони отпад и посадивме 90.000 дрвја низ земјава

Точка

13/12/2023

16:35

107.624

Големина на фонт

а а а

„Мен енд Маунтен“ се идејни творци на „ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА“, десетгодишен проект за обнова на животната средина. Проектот се состои од два дела: годишната пролетна акција за чистење и селектирање отпад „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“ и акцијата за пошумување на државно земјиште „СОНЧЕВА ГОРА“, што се одвива наесен и ја утврдува Министерството за земјоделство во рамките на годишната програма за пошумување.

За секои 10 килограми собран отпад, министерството посветува по едно дрво.


Амбицијата на Гордана и Ханес е да ја исчистиме земјава од отпадот на минатото и да создадеме чиста, зелена, оптимистичка и енергична иднина. Секој граѓанин во оваа земја има моќ да создаде надеж, богатство, перспектива во здрав и убав дом што сите ќе го негуваме и сакаме

Неодамна се заокружи и третиот по ред годишен проект „Зелена сончева“, кој се состои од две активности, мајската акција за чистење отпад „Генералка викенд“ и ноемвриската акција за пошумување „Сончева гора“. Колку сте задоволни од сработеното?

Од 2021 година, нашиот проект постојано расте со речиси удвојување на бројот волонтери и општини. Секоја година и сите ние сè уште сме затекнати од огромните количини собран отпад: повеќе од 650 тони во три денови и учество на повеќе од 25.000 волонтери во изминативе 3 години. Тажниот дел е што овие бројки го вклучија алармот дека итно се неопходни проекти како што е ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА во нашите заедници. Добриот дел е што се повеќе луѓе ги спроведуваат принципите на модерно општество, односно соодветно постапување и одложување на отпадот. Ова не е само поради ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА и ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД, туку затоа што на народот сега повеќе од кога било му е потребна промена на подобро.


Како почна целава приказна пред три години, која за кусо време прерасна во сериозни активности на целата територија од нашава земја?

Секој втор викенд во мај месец во рок од 10 години, односно помеѓу 2021 и 2031 година, ги повикуваме граѓаните на Македонија да излезат, да земат вреќи за отпадоци и да ја исчистат непосредната околина околу нивните домови, паркови, улици, училишта и јавни места. Нашето партнерство е со општините и комуналните претпријатија и тие ги подигнуваат вреќите со собран отпад и ја мерат нивната тежина. Врз основа на бројот на вкупниот собран отпад во килограми, Министерството за земјоделство заедно со Национални шуми посветува по 1 дрво за секои 10 килограми собран и селектиран отпад во рамки на нивните годишни планови за пошумување.

Досега, од 2021 година, државата има засадено повеќе од 90.000 дрвја посветени на волонтерите на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД и нивните заложби да го соберат отпадот од минатото и да го рециклираат во зелена иднина.

Целта на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е да ја исчисти земјата до нејзиниот 40-ти роденден, односно до 2031 година и да се засадат најмалку половина милион дрвја што ќе бидат постојан потсетник за идните генерации на оваа земја дека секој граѓанин може да придонесе за промена на нештата за подобро.


За да се реализира волку голем проект, за покренување на свеста кај нашите сограѓани не е доволна само оригинална идеја, неохподна е мобилизација на цела машинерија институции, кои ќе помогнат да се оствари зацртната идеја. Колку беше лесно/тешко да ги убедите оние кои сега се веќе дел од проектот дека е 5 до 12 за да ги засукаме ракавите кон позелена и почиста татковина?

Веќе го пречекоривме 12 часот и сега на нас е да го вратиме времето наназад. За среќа, не сме сами во верувањето дека невозможните работи се можни кога можете да ги обмислите добро. Во Пивара Скопје и Пакомак и нашите партнери Шпаркасе Банка и Нула Отпад најдовме силни поддржувачи и тие ја споделуваат нашата визија за чиста иднина без јаглерод диоксид и ни даваат можност да застанеме заедно и да делуваме заедно со една цел. Тука е и можниот јавен одзив, како и институциите на власта што реагираа многу позитивно и конструктивно, бидејќи на крајот и тоа се само луѓе кои живеат во оваа земја, кои ги воспитуваат своите деца во оваа земја и кои сакаат исто како секој друг граѓанин: добар живот со перспектива.


Уште похумано е што собраниот отпад не се фрла во депонии, напротив се рециклира. Тоа значи дека вашата мисија е комплетна и добро осмислена...

Депониите се концепт од старите времиња, со таа разлика што ги немаале материјалите што ние ги користиме денес. Нештата што ги фрламе на депониите се направени од материјали, кои не само што ќе деградираат во следните милиони години, туку и ја трујат водата што ја пиеме и воздухот што го дишеме. Затоа, мораме да воведеме кружен систем за отпад што ќе го намали количеството отпад што се завршува на депониите на само 1%, а остатокот од отпадот треба да се рециклира или да се претвори во зелена енергија. Без разлика како се обидуваме да ја свртиме приказната на крајот, резултатот е секогаш ист: целиот отпад е извор за нови производи и енергија.


Од година во година и бројот на општините кои земаат учество во „Зелена сончева“ континуирано расте. Како се одвива соработката со локалната самоуправа, кои се нивните ингеренции во проектот?

Нема подобар партнер на локално ниво за реализација на проект ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД од општините и локалните институции поради едноставна причина: тие најдобро си го знаат нивното место. Ги знаат проблемите, а најчесто и решенијата. Подобро од кој било друг во земјата. Ние сакаме да ги поддржиме локалните самоуправи со нашите активности, а сите нивни вредности и убавини и квалитети ги промовираме на пошироката јавност. Нашите села, особено руралните општини понекогаш се малку заборавени од централната власт, но токму тие се вистинските чувари на нашиот национален идентитет, култура и наследство. Вистинската убавина на Македонија, тоа е срцето и душата што можеме да ја најдеме и доживееме во нашите села.

Значи, со нашите активности сакаме да го вратиме вниманието на нашите општини и да ги привлечеме луѓето повторно да ја доживеат вистинската култура на Македонија. Ако секој се грижи за својот дом и за местото околу неговиот дом, тогаш ова е најубавата Градина на Иден што можеме да ја замислиме.


Каде се досега имате пошумувано дрвца и дали се навраќате на локациите за да видите дали тие садници почнале да пуштаат корени и дали се исплати оваа голема и хумана инвестиција за позелена Македонија?

Од 2023 година заедно со Шпаркасе Банка воведуваме платформа за донации која ни овозможи да однесеме дрвја во училиштата, парковите и другите јавни места во 11 општини. Овие напори ќе продолжат се додека во секоја општина во Македонија не посадиме СОНЧЕВА ГОРА. Покрај тие акции за пошумување, Министерството за земјоделство и шумарство засади 10.000 дрвја во Петровец и повеќе од 80.000 дрвја кај велешкото езеро Младост. Она што го видовме досега е дека повеќе од 50% од сите садници преживеале, што е многу добра бројка во споредба со само 10% од преживеаните садници од Денот на дрвото пред 10 години. Општините како и Национални шуми навистина вложуваат огромен напор да ги заштитат овие садници што е можно подобро, бидејќи СОНЧЕВА ГОРА е повеќе од обична акција за пошумување: СОНЧЕВА ГОРА е симбол за обновување на заложбите на луѓето во Македонија, приватниот сектор и Владата да постигнат нешто позитивно за сите во оваа земја надвор од сите граници на етничка, социјална или политичка позадина.


Потпишавте меморандум на 10 години за целосна реализација на проектот со Министерството за земјоделство, Национални шуми и Министерството за животна средина. Тоа значи дека остануваат уште цели седум години до негово финализирање. Која е крајната цел?

Нашата крајна цел е да ја исчистиме земјата од отпадот на минатото и да создадеме чиста, зелена, оптимистичка и енергична иднина за нас и за сите генерации што доаѓаат. Ние сме тие кои ја создаваме оваа иднина. Секој граѓанин во оваа земја има моќ да создаде надеж, богатство, перспектива во здрав и убав дом што сите ќе го негуваме и сакаме.


Која е вашата порака до граѓаните на земјава и особено кон младата популација во чии раце ја оставаме иднината на Македонија?

Оваа земја им припаѓа на нејзините граѓани. Секој граѓанин, млад или стар е одговорен за оваа земја и земјата е одговорна за своите граѓани. Ова е договорот на кој треба да се гради нашата иднина. Сè што ќе дадете ќе ви биде вратено 10 пати, бидејќи само заедно можеме да промениме сè на подобро.




Спонзорирани линкови

Маркетинг