Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека ги разбира оние кои негодуваат со одлуката на Македонија да му дозволи на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, да дојде на министерскиот состанок на ОБСЕ, но истакна дека тоа е можност Лавров во живо да слушне зошто Русија е изолирана.
На прес-конференцијата со премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, тој истакна дека ОБСЕ останува важен партнер во проблематичните времиња и дека е платформа на која ќе се разговара за заедничката европска безбедносна архитектура, и покрај обидите на Русија да ги намали основните принципи на ОБСЕ и постоечките безбедносни договори.
Борел рече дека одлуката за доаѓањето на Лавров е добра од аспект на заживување на мултилатерализмот.
„Тој мора да слушне зошто Русија е изолирана. Тоа ќе му биде можност директно да слушне на состанокот и ќе може да се врати во Кремљ и да каже дека ЕУ останува обединета во осудувањето на однесувањето на Русија“, рече Борел.
Ковачевски рече дека се надева дека во Скопје ќе се донесат важни одлуки за ОБСЕ.
Тој истакна дека на средбата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен биле потврдени одличните односи меѓу САД и Македонија и дека Блинкен истакнал дека ја цени улогата на Македонија во НАТО и смета дека таа е фактор на стабилност во регионот.