Една од урбаните легенди која се поврзува со Јосип Броз Тито и поранешна Југославија секако е онаа за песната која била и тоа како депресивна, што луѓето поради неа се откажувале од животот.
Песната поради која се извршиле голем број самоубиства, Тито ја забранил, а се вика „Pluća su mi bolna“. Таа се смета за една од најтажните песни кои некогаш биле напишани на овие простори.
Нејзин автор е Драгиша Недовиќ којшто ја напишал и познатата стара песна „U lijepom starom Višegradu“, како и „Stani, stani Ibar vodo“, „Kome šumiš, oj Moravo“, „Negde u daljini pogled mi se gubi“...
Животот не го штедел и бил на чекор од смртта во 1941 година кога бил изведен пред стрелците во Крагуевац. Во последен момент, како познат текстописец го одвоиле на страна и ја избегнал судбината на многу од луѓето. Крајот на Втората светска војна го дочекал во германскиот логор во Дормаген.
По враќањето во Крагуевац неколку години по завршувањето на војната, поточно во 1950 година дознал дека заболел од туберкулоза. Тогаш ја напишал песната „Pluća su mi bolna“, а текстот гласи:
„Pluća su mi bolna, zdravlja više nemam
Jer su sasvim blizu, moji zadnji dani
Živeću još danas, a možda i sutra
A onda zauvek, zbogom moj živote
Nije meni žao, bednoga života
Jer ja sreće nikad, osetio nisam
Samo bol i patnja, gorke suze lio
U životu svome, srećan nisam bio“.
Песната прв ја извел Заим Имамовиќ, но таа многу сугестивно делувала на слушателите, па во тоа време ширум Југославија биле забележани голем број самоубиства на луѓето заболени од туберкулоза.
Тогаш Централниот комитет и Тито одлучиле плочата да се повлече од продажба и изведувањето на оваа песна да се забрани, со објаснување дека наведува на самоубиство.
Дури кога 10 години подоцна Јованка Броз, за која кружат приказни дека боледувала од туберкулоза, ја нарачала оваа песна на прослава, забраната била укината.
За жал, иако Драгиша Недовиќ се излекувал од туберкулоза, дошле проблемите со срцето. Како последица на срцев удар тој починал во 1966 година на 49-годишна возраст. Зад себе го оставил синот Александар, ќерката Рада и околу 800 песни.