Еден од најмонструозните форми на измачување, страдање и болка на кучиња и кај нас добро познат бизнис се организираните борби со нив, каде што се користат овие животни, кои во поголем дел од случаите завршуваат фатално убивајќи се меѓусебно.
Во текот на годините сме сведочеле на илјадници вакви громорозни слики, настани каде што несреќните животни го изгубиле својот живот давејќи се во сопствената крв додека група неандерталци, луѓе што го изгубиле основното чувство што ги прави луѓе – емпатија, заработуваат на својот победник, кој е победник до следната рунда, борба и низа други сѐ додека не заврши фатално во својата последна изгубена борба за живот, велат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.
„Некои од кучињата што овие злосторници ги користат и не се квалификуваат за умоболните дејства на кои се принудувани или завршуваат на улица или се немилосрдно убиени од страна на нивните сопственици. Во текот на годините сме сведоци како ваквиот калибар на злосторници јавно на социјалните мрежи отворено објавуваат видеозаписи и фотографии од борби и како да не се прекршуваат низа закони објавуваат настани од ваков тип со точна локација и датум.
Сведоци сме биле и на крадење кучиња од одредени раси од своите домови, јавни продажби на кучиња, каде што е напоменето дека се за борби итн. Секоја наша, секоја пријава на граѓаните за ваков тип кривично дело, никогаш не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен, никогаш никој не бил казнет“, реагираат од Здружението.
Информираат за објава на „Фејсбук“, на која е прикажан, како што појаснуваат, ринг во кој, најверојатно, се организираат борби со кучиња.
„На патот помеѓу Охрид и Струга, како да не постојат закони и институции во државата, е изграден ринг во кој е очигледно дека се организираат борби со кучиња и тие се објавуваат на социјалните мрежи.
Како недопирливи за Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, овие криминалци се фотографираат со своето кривично дело.
Има ли капетан овој брод? Има ли оваа држава закони и институции што треба да ги имплементираат?
Планира ли Министерството за внатрешни работи да преземе соодветни дејства за овој црн бизнис со кој во одредени населени места секоја втора куќа се занимава, а илјадници кучиња страдаат годишно?
Се плашите ли?“, прашуваат од „Анима мунди“.
Бараме од надлежните веднаш да постапат и да преземат сѐ што е во нивна надлежност за ваквите случаи на мачење, малтретирање и убивање животни.