Новинарите денес на протест поради пресудата против ИРЛ

Точка

17/11/2023

08:07

1.518

Големина на фонт

а а а

Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денес во 11 часот ќе излезат на протест поради пресудата против ИРЛ.

Од ЗНМ во најавата за протестот велат дека се однесува на судската пракса која беше воведена со пресудата против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) каде што судот си одреди улога да решава кој смее, а кој не смее да работи како новинар.

Предвидени се и изјави за медиумите.

ИРЛ беа осудени за клевета по тужба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и компанијата „БРАКО“ за емисијата „Заговор против воздухот“.

Во образложението на пресудата судијката, Јованка Спировска Панева, наведува дека истражувањата на ИРЛ не смееле да се публикуваат пред граѓаните, туку требало исклучиво да се користат за внатрешна едукација на вработените. Таа го отфрли исказот на уредничката на ИРЛ Сашка Цветковска со образложение дека таа и ИРЛ не се новинари и медиум.


Од ИРЛ по пресудата реагираа дека тие не се осудени за клевета, туку осудени се оти постојат, а поддршка добија од голем број новинари и медиуми. Основниот граѓански суд, велат од ИРЛ, преку судијката Јованка Спировска Панева протолкува дека непрофитните организации кои во земјава се занимаваат со истражувачко новинарство – не претставуваат медиумски организации, па поради тоа таа ги отфрлила доказите на ИРЛ во спорот со Анѓушев.

Против судијката Јованка Спировска Панева, Здружението на новинари поднесе претставка до Судскиот совет на 19 октомври. Бара да се утврди дисциплинска одговорност против неа, кога без објаснување и решение, одлучи да ги исклучи новинарите од судница за да ги соочи главната уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска и Анѓушев. Медиумите беа спречени да известуваат од рочиштето, а јавноста немаше шанса да биде информирана за оваа судска постапка.

По пресудата реагираше и претседателот Стево Пендаровски.

„Етикетирање, дискредитација и обиди за регулирање на новинари и медиуми имаше и во минатото и сведоци сме дека таквите процеси не доведоа до демократски развој. Како држава која се определила за членство во ЕУ и споделување на европските вредности за демократија, транспарентност и одговорност, потребно е да ги почитуваме и спроведуваме меѓународните стандарди за медиумски слободи“, напиша Пендаровски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг