„Имаме злосторство и хероизација“: Рама и Пленковиќ ги повикаа ЕУ и Западот да донесат мерки против Белград

Точка

02/10/2023

19:10

3.911

Големина на фонт

а а а

Премиерите на Албанија и Хрватска, Еди Рама и Андреј Пленковиќ силно го осудиле „насилството на српските паравоени единици на северот на Косово, како и нивната хероизација од Белград, со повик до премиерите на земјите од ЕУ и Западот на донесување на мерки против Србија“.

Рама, кој се наоѓа во официјална посета на Загреб, на прес-конференцијата изјавил дека агресијата на паравоените сили е подеднакво загрижувачка како и реакцијата на Белград, пренесува „Hina“.

„Имаме злосторство, убиство на полициски службеник и имаме хероизација на оние кои го извршиле“, рекол Рама и додал дека тоа „не смее да биде прифатливо во Европа која има спротивни вредности“.


„Ден на жалост – идентификација со тоа што се случило“

Пленковиќ смета дека тие потези не може да останат без одговор, и дека одлуката на Белград за прогласување на Ден на жалост речиси да подразбира идентификација со тоа што се случило.

Навел дека ќе уследи истрага за во целост да се утврди што се случило, по што посебен претставник на ЕУ за дијалог со Приштина и Белград ќе донесе предлог мерки.


Пленковиќ рекол дека Европската комисија исто така може самостојно да донесе мерки, без согласност на сите држави членки, како што тоа пред неколку месеци го направила против Косово.

Хрватскиот премиер нагласил дека е сигурен дека ќе дојде до мерки, а Рама повикал дека тие треба да бидат применети, без губење на време, бидејќи одлуката на Белград за Денот на жалост не остава простор за поинаква интерпретација.