Србин настрада на Кипар, напаѓачите првин го претепале, а потоа го прегазил автомобил

Макфакс

02/10/2023

13:55

2.793

Големина на фонт

а а а

Српскиот државјанин, 29-годишниот Марко М., настрадал во саботата рано наутро во Лимасол, Кипар, а иако првично се верувало дека случајно настрадал од автомобил што налетал на него додека трчал преку улицата, се утврдило дека тој е убиен, пишуваат српските медиуми.

Како што информираат од локалната полиција, уапсени се двајца мажи на возраст од 34 и 39 години, на кои им е одреден тридневен притвор. Постои сомневање дека двајцата мажи го претепале Србинот на улица, а кога тој се обидел да им побегне, излетал на патот и во тој момент бил удрен од возило. Автомобилот го влечел неколку метри додека не застанал.

Од повредите Марко М. починал, а локалната полиција почнала да трага по осомничените, кои по 24 часа биле уапсени. Возачот на автомобилот што удрил во Србинот бил алкотестиран и по негативен тест, бил пуштен да се брани од слобода. Истрагата се уште е во тек и ќе ги утврди сите детали за оваа трагична смрт, а расправијата и тепачката се снимени од надзорните камери.

Настраданиот Србин работел како обезбедување во паб недалеку од местото на несреќата во Лимасол.