Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба денеска изјави дека поддршката на Вашингтон за Киев не слабее.
„Не мислиме дека поддршката на САД е поткопана, бидејќи тие разбираат дека она што е во прашање во Украина е многу поголемо од Украина. Се работи за стабилноста и предвидливоста на ситуацијата во светот и затоа верувам дека ќе успееме да ги најдеме потребните решенија“, изјави Кулеба, пренесува Ројтерс.
Британската агенција наведува дека американската и друга западна воена помош е од витално значење за Украина во нејзината борба против Русија. По потпишувањето на нацрт-законот во неделата за продолжување на финансирањето на федералната влада за 45 дена, што не вклучува ставка за помош за Киев, американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека САД ќе продолжат да го поддржуваат Киев.
„Сакам да ги уверам нашите американски сојузници и американскиот народ и народот во Украина дека можат да сметаат на нашата поддршка. Нема да се повлечеме“, изјави Бајден, пренесуваат светските медиуми.
Американскиот претседател предложи Демократите да склучат договор со Републиканците за поддршка на Украина, откако американскиот Конгрес одобри привремен буџет за американската влада без средства за Украина, објави Ројтерс.