Ковачевски: Мицкоски станува сабајле и вика јас сега ќе блокирам, тоа е стратегија на опозицијата

A1ON.MK

27/09/2023

14:52

1.592

Големина на фонт

а а а

Премиерот Димитар Ковачевски денеска коментирајќи ја најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ќе го блокираат со амандмани законот за амнестија, изјави дека блокадата е стратегија на опозицијата, која постојано ја применува и додаде дека утре во 12 часот министерот за правда ќе има брифинг со медиумите, на кој детално ќе го образложи предложениот закон.

-Нема решение во Парламентот, кое што опозицијата не го блокирала. Јас откако сум дел од Владата и дел од парламентарната дебата, било како заменик-министер за финансии, било како премиер, стратегијата на опозицијата е блокада, тоа им стана како спиритус мовенс на нивното работење, стануват сабајле и вика јас сега ќе блокирам. Тоа е веројатно нешто што во 11 години години владеење го научиле, кое го имаа во државата. Тогаш имавме блокирани евроинтеграции, имавме блокирани НАТО интеграции, имавме блокирани односи со соседите, имавме блокиран економски развој, истакна Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Горска“ Дооел.

Тој додаде дека уште вчера најавил оти министерот за правда ќе има детален брифинг со медиумите.

-Од она што го имам како информација во мојот кабинет, јас верувам дека тоа ќе се случи утре во 12 часот, при што во детали ќе го образложи предложениот закон за амнестија, кој не е прв во државата што се носи како таков, бидејќи мислам дека во 2018 година се носеше таков закон со тоа што овој е порестриктивен во однос на тоа што тогаш беше донесено, а целите се растеретување на затворскиот систем и нормално санкционирање, односно неовозможување на каква било амнестија за оние, кои извршиле тешки кривични дела и се точно и детално наведени во законот, рече Ковачевски.

Мицкоски претходно денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира со амандмани законот за амнестија, кој е поднесен во Собранието, бидејќи намерата на власта со овој закон, како што вели, е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни.



Спонзорирани линкови

Маркетинг