„Од вчера ништо не може да биде исто“: Курти на комеморацијата за убиениот полицаец

Макфакс

25/09/2023

22:03

2.252

Големина на фонт

а а а

Косовскиот премиер Албин Курти на комеморацијата за убиениот косовски полицаец Африм Буњаку изјави дека „од вчера ништо не може да биде исто“.

„Фактите излегоа пред нас, во нашите очи и во очите на меѓународната заедница, како и во очите на сите оние кои имаат храброст и волја да ја видат вистината за регионот во кој живееме“, рече Курти во својот говор, соопшти Владата на Косово.

„Денес во нашата земја е ден на жалост поради заедничката тага и болка за Африм Буњаку, нашиот полициски наредник кој вчера го загубивме. Но, денеска е и денот кога на полицаецот Африм Буњаку ќе му бидат доделени највисоките национални почести, бидејќи заедно со тагата и болката чувствуваме гордост и доверба за Африм и за сите косовски полицајци“, рече премиерот на Косово.

Курти потсети дека Буњаку бил убиен вчера од „група тешко вооружени, опремени и професионално обучени луѓе“.

„ Законитост и уставност, мир и безбедност, за секого и за се без разлика“, рече Курти.

На овој комеморативен собир, постхумно му беше доделен највисокиот орден на Африм Буњаку.