Минка Беизоска е пациентка на Онкологија од минатата година, но денеска таа наместо во болницата, се појавила во Кривичниот суд каде ѝ било закажано првото рочиште поради тужба кон аптекарот од болницата, кој ѝ барал мито за да ѝ обезбеди биолошка терапија за болеста.
Нејзината голгота започнува во 2022 година кога ѝ бил дијагностициран рак на белите дробови. По примени две хемотерапии во приватна болница, поради финансиски причини решава да ја продолжи борбата со болеста на Онкологија. Таму прима уште две хемо дози и ракот целосно ѝ се повлекува. Лекарите поради превентива, но и за одржување, ѝ ја продолжуваат биолошката терапија, но Минка забележува дека нема никакви нуспојави од терапијата, а сомнително ѝ станува кога аптекарот од болницата почнува да ѝ бара по 100 евра за да ѝ го обезбеди лекот.
На секои три недели му плаќала на болничкиот аптекар по 6.000 денари, бидејќи ако не платела, тој ја уценувал дека ќе ја даде биолошката терапија на друг пациент.
Пријавила кај тогашниот директор Нехат Нухи и тој ја охрабрил да го пријави случајот во полиција. Минка вели полицијата брзо интервенирала и аптекарот бил приведен, а сега веќе не работи во болничката аптека.
Има многу пациенти на Онкологија кои се соочиле со истото како и неа, но вели дека тие не собрале храброст да пријават. Болеста кај Минка сега повторно се вратила и е проширена, како што вели таа, од неправилната терапија, а поради недовербата во македонското здравство со исклучок на неколку доктори кои ѝ помагале, сепак нејзината борба со ракот планира да ја води во некоја од странските болници.