Судот пресуди: Агенцијата за филм не смее да ги стопира проектите на „Банана филм” на Манчевски

Точка

24/07/2023

10:48

3.791

Големина на фонт

а а а

Управниот суд го прифати барањето на „Банана филм“ да се донесе времена мерка против Агенцијата за филм. Имено, Агенцијата ги стопираше исплатите за веќе одамна завршениот филм „Кајмак“ во продукција на „Банана филм“ и во режија на Милчо Манчевски, а го стопираше и потпишувањето на пред-договорот за филмот “Биста“ („Збогум, Копакабано!“) кој доби поддршка на минатогодишниот конкурс на Агенцијата.

„Банана филм“ тужеше, тврдејќи дека Агенцијата постапува незаконски во однос на филм кој е веќе одобрен од самата Агенција, прифатен, завршен и дистрибуиран по цел свет, но и во однос на нов проект кој веќе ги поминал сите филтри на самата Агенција.

На минатонеделното рочиште Управниот суд го уважи барањето на „Банана филм“, па сега в.д. директорот на Агенцијата, Бојан Лазаревски, ќе мора да даде налог за исплата на преостанатите 30% по договорот за „Кајмак“ и ќе мора да склучи пред-договор и да исплати 5% за развој на сценарио за „Биста“. Доколку не ја почитува одлуката, в.д. директорот ризикува да одговара кривично за неизвршување на судска одлука.

„Ја пријавивме Агенцијата за филм за местени конкурси, за незаконски исплати (крадење), за судир на интереси, а тие за одмазда ни ги блокираа успешните проекти. Нашите тврдења ги потврдија и Антикорупциска комисија, Државниот завод за ревизија, Транспаренси интернешнл, инспекција на Министерството за култура... Еве, сега и судот го потврдува самоволието на филмската мафија. Се надеваме дека наскоро ќе има и соодветни казни за сторените кривични дела“, велат од „Банана филм“.

Во меѓувреме, неделава Комисијата за заштита на конкуренција отвори постапка против Агенцијата за филм и приватното здружение ДФРМ за испитување на забранета државна поддршка. Допис за доставување на целокупната документација е веќе доставен до Министерството за култура. Според наоди на Државниот завод за ревизија, но и на самото Министерство за култура, Агенцијата незаконски му исплатила на приватното здружение над 120.000 евра.

После негативниот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Агенцијата за филм и ДФРМ, свој случај за работата на Агенцијата и на ДФРМ отвори и Антикорупциската комисија.