Невладините покажаа заби на Судски совет: Со менување на двајца членови не се враќа легитимитетот

Макфакс

23/06/2023

16:14

1.115

Големина на фонт

а а а

Платформата на граѓански организации за борба против корупција и Блупринт групата за реформи во правосудството, соопштија дека нема да номинираат предлог член и негов заменик на Комисијата за спроведување на избори за членови на Судскиот совет од редот на судиите, бидејќи, според нив ова тело е нелегитимно.

Тие досега бараа оставки од сите членови на Советот.

„Причината беше несоодветното и незаконско постапување на Судскиот совет, во претходниот период, со што ја загуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност, ќе го унапреди угледот на судскиот систем во јавноста и ќе гарантира отчетност и квалитет во работата на судиите.

Граѓанските организации ценат дека поднесените оставки на двајца членови не се доволни за да го вратат загубениот легитимитет, а изборот на двајца нови членови на Судскиот совет нема да ја смени перцепцијата за досегашното постапување на овој состав на Судскиот совет и со тоа нема да ги исполнат во целост нашите очекувања“ велат од таму.

Граѓанските организации остануваат на ставот дека единствен начин за надминување на состојбите предизвикани со незаконското работење на Судскиот совет е доколку и останатите членови поднесат оставки и доколку се иницира унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста во процесот за избор на нови членови на Советот. Тоа според нив е потребно за да се врати легитимитетот и интегритетот на Судскиот совет како тело кон судиите, а уште повеќе кон граѓаните.