МВР: Лага е дека директорот на БЈБ влијаел во случај каде се тепани полицајци и бил инволвиран син му

Макфакс

10/06/2023

14:05

2.335

Големина на фонт

а а а

Очигледно на ВМРО-ДПМНЕ им пречат одличните резултати на полицијата во справувањето со криминалот, па затоа шират лаги, реагира МВР откако опозициската партија праша дали директорот на Бирото за јавна безбедност влијаел врз случај каде се тепани припадници на Единицата за брзо распоредување.

МВР најостро ги демантира, како што вели, лагите пласирани од партијата ВМРО-ДПМНЕ за некакво влијание на директорот Сашо Тасевски во случај кога е нападнат полициски службеник, како и наводна инволвиранст на неговиот син.

Од Министерството велат дека станува збор за класична дезинформација. Тврдат дека ниту имало влијание ниту некој може тоа да го направи, ниту бил инволвиран синот на директорот на БЈБ.

Вистината е, велат од МВР, дека на 3 јуни околу 01.45 часот во угостителски објект во Градскиот парк во Скопје имаше уште една во низата успешни акции на полицијата.

„Лишени од слобода се три лица и биле пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана, а лицата ќе одговараат пред законот и за напад на полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Настанот е соодветно објавен во извадокот од дневни настани кој МВР секојдневно го објавува“, велат од Министерството.

Се додава дека МВР продолжува со бескомпромисната борба против секаков вид на криминал, што го покажуваат и статистиките за сериозно намален криминалитет поради доброто работење на полицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг