Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува случајот со пишување навредливи графити со кукасти крстови и натписи „Ѓупци“, испишани со црн спреј врз куќи на ромско население на улицата Дебарска во Битола.
Според нив, се работи за уште еден случај на злостортво од омраза, со порака што упатува на повик за насилство кон ромската етничка заедница.
„Тргнувајќи од стремежот за градење соживот, толеранција и меѓусебно почитување, без разлика на националната, етничката, религиозната или која било друга припадност, бараме надлежните институции, пред сѐ, Министерството за внатрешни работи и Обвинителството темелно да го испитаат случајот, да ги најдат сторителите, кои треба да одговараат за ова дело“, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.
Очекуваат МВР и ОЈО правилно да го квалификуваат ова дело како дело од омраза. Најавија дека ќе поднесат кривична пријава и во иднина ќе ги следат сите активности што се преземаат во врска со случајот.
Хелсиншкиот комитет во изминатите години во неколку наврати алармира за присуство на говор на омраза кон ромската заедница во општина Битола и потребата за преземање конкретни чекори за зголемување на свеста кај граѓаните за меѓуетничка, меѓурелигиозна и меѓукултурна толеранција и соживот.
Соодветната реакција од институциите во вакви моменти, велат од таму, е од исклучително значење бидејќи пропуштањето да се даде ефикасна заштита на жртвите на говорот и делата од омраза може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат заштита, а охрабрување на сторителите да го повторат делото.
„Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Токму поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница“, се додава во реакцијата од Хелсиншкиот комитет.