Директорот на психијатрсиската болница во Бардовци, Мухсин Арифи, се огласи по видеото на кое пациенти тепаат новодојдено лице во установата.
Директорот образложи дека станува збор за пациенти сместени на судско одделение каде се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд, осносно лица кои сториле кривични дела како убиство и обид за убиство.
„Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови. Ве известувам дека од моја страна по настанатиот случај се преземени ситe безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните инситуции кои во моментот се грижат за безбедноста“, рече директорот.
Додаде дека очекува во најкраток рок институциално решавање на случајот, а во меѓувреме започнал со воведување мерки и механизми за превенција на вакви идни немили настани. Крајната цел, вели директорот, е да се постигне трајно решение за подигнување и одржување на безбедноста во болницата и подобрување на условите за нејзино нормално функционирање.
Вчера објавивме вознемирувачко видео на кое пациенти во психијатриската болница Бардовци снимаат и тепаат новодојден пациент.
На видеото се слуша како еден од пациентите бара од човекот да се претстави, а потоа им дава насоки на другите во просторијата да го тепаат.
„Седи тука, воспитни! Така се пречекуваат новите гости“, се слуша на видеото.