Тоа што ќе добиете висока казна за сообраќаен прекршок не е најголемиот проблем што може да ве снајде во соседна Грција, бидејќи најтешкиот дел се наоѓа во самата процедура за плаќање на казната.
Ова за Денар го раскажуваат нашинци, инаку редовни туристи-кампери во Грција, кои годинава се соочиле со ваква непријатност која ги чинела повеќе нерви отколку пари.
Полицијата ги стопирала на автопат во близина на градот Катерини во правец кон Лариса, а полицискиот радар покажал дека возилото се движело со 50 километри на час побрзо над дозволеното.
Секако, следувала казна без никакво размислување, но и привремено одземање на пасошот, кој служел како залог дека казната ќе биде платена.
- Не е важна сумата што требаше да ја платиме поради брзото возење. Виновни бевме и спремни да се соочиме со последиците. Но, нѐ изненади тоа што грчкиот полицаец ни ги побара пасошите како гаранција дека ќе ја платиме казната. А каде да ја платиме казната? Секако, во најблискиот град Катерини. Сета среќа што беше рано наутро и работен ден, па банките работеа. Но, се прашувам, што ќе беше ако нѐ запреше навечер и за време на викенд? И замислете, моравме да влеземе во Катерини, да бараме банка, да ја платиме казната, да земеме уплатница и со таа уплатница да си ги вратиме пасошите. А верувале или не, пасошите ни беа оставени во најблиската патарина. Полицаецот ни кажа дека на патарината ќе ги остави пасошите и дека ќе можеме да ги подигнеме со доказ за платена казна. Каква будалаштина, раскажува Марија од Скопје.
Но, кога веќе сме кај казните, грчкото Министерство за внатрешни работи соопшти дека има нови цени на казните во пресрет на летната сезона во Грција.
- Непочитување на знак „стоп“ – 700 евра
- Брзо возење – 700 евра
- Недозволено претекнување – 80 евра
Полицајците имаат право да ви ги одземат и регистарските таблички и со тоа дополнително да ви го уништат летниот одмор.
Без таблички ќе останете доколку:
- Возите и разговарате на телефон додека возите
- Не носите безбедносен појас
- Не носите кацига додека возите мотоцикл
- Ако превезувате дете во автомобил без детско седиште