„Ја обединивме Европа за да го вратиме мирот“ порача претседателката на Молдавија на крајот од самитот

Макфакс

01/06/2023

19:03

1.830

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Молдавија, Маја Санду изјави дека на самитот на европската политичка заедница во таа земја се покажале „сила и единство“ во време кога е загрозена стабилноста на Европа.

„Денес овде го собравме целиот континент за да ги потврдиме силните меѓусебни односи, да го вратиме мирот во Европа. Покажавме сила и единство кога стабилноста на нашиот континент е загрозена“, рече Санду на прес-конференција на крајот од самитот.

На заедничката конференција со премиерите на Чешка и Шпанија, Петер Фиал и Педро Санчез, Санду рече дека Молдавија „ќе биде загрозена доколку Украина не се брани храбро“ од руската инвазија и дека Кишињев ќе остане со таа земја“.

„Покажавме дека сме обединети против најголемата агресија од Втората светска војна“, додаде Санду.

Таа рече дека лидерите разговарале и за заеднички акции кои ќе ја направат Европа посилна и побезбедна.

„Вашето присуство овде е доказ дека Молдавија не е сама, дека заедно се бориме против хибридните закани и обидите за дестабилизација на Молдавија“, рече Санду.

Премиерот на Шпанија, каде што ќе се одржи следниот самит на 5 октомври, изјави дека денешниот состанок не се одржал случајно во Молдавија и дека земјата „може да смета на европското семејство“.

„Мора да дејствуваме заедно против војната на Путин. Денеска се фокусиравме на заедништвото, инфраструктурата, енергијата и безбедноста, а пред се на хибридните закани и нуклеарната безбедност“, рече Санчез.

Премиерот на Чешка, каде се одржа претходниот, прв самит на Европската политичка унија, изјави дека Молдавија „храбро се соочува со последиците од рускиот варварски напад“.

„Испраќаме силна порака за поддршка на Молдавија и Украина“, додаде тој.

Фијала, исто така, рече дека Европската политичка заедница се покажала како „релевантен и важен форум за сите европски земји“ и повтори дека единството било демонстрирано денеска.

Европската политичка заедница е неформален дипломатски форум создаден минатата година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон. Вториот самит се одржа денеска во молдавското село Булбоака, во близина на Кишињев, на 20 километри од границата со Украина. Главните теми на разговор беа безбедноста во контекст на војната во Украина, енергијата, климатските промени и поврзаноста.

Во разговор со новинарите пред средбата, речиси сите европски лидери се осврнаа на тензиите на северот на Косово и повикаа на деескалација и мир. На самитот присуствуваше и премиерот Ковачевски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг