ВМРО-ДПМНЕ предлага законски олеснувања за лекување на болните од цистична фиброза

Макфакс

29/05/2023

13:20

991

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на ВМРО-ДПМЕ и Коалицијата поднесе измени на две законски решенија со цел да им се олесни животот на лицата кои боледуваат од хронична болест од најтежок облик, цистична фиброза.

Пратеникот Петар Ристески образложи дека станува збор за измени на Законот за здравствено осигурување и Законот за јавни патишта. Со измените на овие Закони, рече тој, предлагаат ослободување од партиципација за лекување на лицата болни од цистична фиброза над 26 годишна возраст и ослободување од патна такса и патарини.

„Пред три месеци бевме сведоци на измени на Законот за лекови, со цел лицата кои се хронично болни од најтежок облик, цистична фиброза да ја добијат потребната терапија. Со овие измени терапијата требаше да ја добијат сите болни од цистична фиброза, но тие се’уште се мачат и не може да го добијат лекот Трикафта. Станува збор за околу 130 лица во државава. Овие лица се заборавени од Владата предводена од СДС и ДУИ“, рече пратеникот Ристески.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата побара под итно да се обезбеди модуларна терапија за сите болни од цистична фиброза.

„Министерот за здравство, Фатмир Меџити да престане да ја замајува јавноста со паркинг на клинички, укинување на директори во рамки на кампусот клиники Мајка Тереза и како приоритет да се заложи лицата со цистична фиброза да го добијат потребниот лек“, рече Ристески.

До пратениците од владејачката коалиција порача да покажат доблест и да ги поддржат измените на овие два закони со цел олеснување на животот на лицата со цистична фиброза.



Спонзорирани линкови

Маркетинг