Дводецениското наследството на Ердоган е загрозено од исклучително тесната трка против моќниот опозициски сојуз на претседателските и парламентарните избори во Турција кои ќе се одржат на 14 мај.
По скромните почетоци, Реџеп Таип Ердоган прерасна во политички џин, водејќи ја Турција во изминатите 20 години и трансформирајќи ја земјата повеќе од кој било лидер од Мустафа Кемал Ататурк, ценетиот татко на модерната република.
Сепак, неговите шанси да го продолжи своето владеење за трета деценија се на „раб на жилет“ најмногу поради фактот што Турција сè уште закрепнува од неодамнешниот разорниот земјотрес.
Опозицијата го обвинува дека не ја подготвил земјата за катастрофи, знаејќи дека тоа подрачје е подложно на катастрофални земјотреси. Обвинет е и дека лошо управува со економијата.
Подем на власт
Роден во февруари 1954 година, Реџеп Таип Ердоган пораснал како син на припадник на крајбрежната стража на Црното Море во северна Турција.
Кога имал 13 години, татко му решил да се пресели во Истанбул, надевајќи се дека ќе обезбеди подобро образование за своите пет деца.
Младиот Ердоган продавал лимонада и ѓеврек со сусам за да заработи џепарлак.
Тој посетувал исламско училиште пред да се здобие со диплома за менаџмент на истанбулскиот универзитет Мармара.
Неговата диплома често е извор на контроверзии, бидејќи опозицијата тврди дека тој не добил целосно универзитетско образование, туку само еквивалент на факултетска диплома, обвинение кое Ердоган отсекогаш го негирал.
Младиот Ердоган се интересирал и за фудбалот и играл за полупрофесионални тимови до 1980-тите.
Но, неговата главна страст била политиката.
Во 1970-тите и 1980-тите, тој бил активен во исламистичките кругови, приклучувајќи се на происламската социјална партија на Нечметин Ербакан.
Како што растела популарноста на партијата во 1990-тите, Ердоган се појавил како нејзин кандидат за градоначалник на Истанбул во 1994 година и бил на чело на градот во следните четири години.
Ербакан, првиот исламистички премиер на Турција, издржа само една година на функцијата пред да биде принуден од војската да се повлече во 1997 година, а Ердоган исто така се судрил со строгите секуларни власти во земјата.
Истата година, тој бил осуден за поттикнување расна омраза затоа што јавно прочитал националистичка песна во која стиховите се: „Џамиите се нашите касарни, куполите се нашите шлемови, минарињата се нашите бајонети, а верниците се нашите војници“.
Откако отслужил четири месеци затвор, тој се вратил во политиката.
Но, во 1998 година, неговата партија била забранета бидејќи ги прекршила строгите секуларни принципи на модерната турска држава.
Во август 2001 година тој основал нова партија вкоренета во исламот со сојузникот Абдула Ѓул – Партијата на правдата и развојот (АКП).
Популарноста на Ердоган растела, особено меѓу две групи: прво, меѓу побожното мнозинство во Турција кое се чувствувало маргинализирано од секуларната елита во земјата, и, второ, меѓу сите оние кои страдале од економската криза од доцните 1990-ти.
Во 2002 година, АКП освои мнозинство на парламентарните избори, а следната година Ердоган беше назначен за премиер.
Тој до ден денес останува претседател на партијата.
Три мандати како премиер
Од 2003 година, тој помина три мандати како премиер, владеејќи во период на постојан економски раст и добивајќи меѓународни пофалби како реформатор.
Средната класа во земјата се прошири и милиони беа извлечени од сиромаштија, додека Ердоган ги истакна инфраструктурните проекти насочени кон модернизација на Турција.
Во текот на првата година на власт, Ердоган дури успеа да ги придобие гласачите од курдското малцинство во Турција.
Курдските права беа подобрени и, по три децении конфликт, беше започнат нов мировен процес во март 2013 година, што доведе до прогласување на прекин на огнот од страна на милитантната група Курдистанска работничка партија (ПКК).
Но, договорот траеше само две години и се врати продолжениот циклус на насилство.
Во 2013 година, критичарите почнаа да предупредуваат дека Ердоган станува се поголем автократ.
Во летото 2013 година, демонстрантите излегоа на улиците, делумно поради плановите на неговата влада да го трансформира саканиот парк во центарот на Истанбул, но и да се спротивстават на неговото се поавторитарно владеење.
Ердоган нареди насилно протерување на демонстрантите од паркот Гези, а прекумерната употреба на полициска сила доведе до невиден бран масовни демонстрации.
Тоа означи пресвртница во неговото владеење.
За неговите критичари, тој се однесувал повеќе како отомански султан отколку како демократ.
Муслиманска обнова
Партијата на Ердоган, исто така, предложи укинување на забраната за жените да носат шамии на универзитетите и јавните канцеларии, воведена по државниот удар во 1980 година.
Забраната на крајот беше укината за жените во полицијата, војската и судството.
Критичарите се пожалија дека со тоа ги еродирал столбовите на секуларната република на Мустафа Кемал Ататурк.
Иако и самиот верник, Ердоган отсекогаш негираше дека се обидува да ги наметне исламските вредности, инсистирајќи дека едноставно ги поддржува правата на Турците да ја изразат својата вера поотворено.
Сепак, тој упорно истакнуваше дека примарна улога на жената во општеството е „исполнување на традиционалните родови улоги“, а тоа значи жената да биде „идеална мајка и идеална сопруга“, пред сè друго.
Тој ги осуди феминистките и рече дека мажите и жените не можат да бидат подеднакво третирани.
Ердоган отсекогаш ги поддржувал исламистичките каузи и политичкиот ислам – групи идеолошки блиски до потиснатото Муслиманско братство во Египет.
Повремено го користеше нивниот поздрав со четири прста – раба.
Во јули 2020 година, тој нареди пренамена на историската Аја Софија во Истанбул во џамија, што налути многу христијани и секуларни турски муслимани.
Аја Софија е изградена како црква по наредба на византискиот император Јустинијан пред 1.500 години, а Османлиите ја пренамениле во џамија, но Ататурк ја претворил во музеј – симбол на новата секуларна држава.
Консолидација на позицијата
Откако повторно му беше забрането да биде премиер во 2014 година, кога го достигна максимумот од три мандати, тој се кандидираше за главно церемонијалната улога на претседател на директни избори без преседан.
Тој планираше да ја реформира позицијата според новиот устав, за што критичарите веруваа дека ќе го промени секуларниот поредок во земјата.
Но, на почетокот на неговото претседателствување, тој наиде на две пречки за неговата моќ.
Неговата партија го загуби мнозинството во парламентот за неколку месеци во 2015 година, а потоа, следната година, на 15 јули 2016 година, Турција се соочи со својот прв обид за државен удар во последните децении.
Речиси 300 цивили кои беа на патот на пучистите беа убиени.
За обидот за државен удар беше обвинето движењето Ѓулен, предводено од американскиот исламистички научник Фетулах Ѓулен.
Неговото социјално и културно движење претходно му помогна на Ердоган да победи на три последователни избори, но кога двајцата сојузници се разидоа, тоа имаше драматични последици за целото турско општество.
По обидот за пуч во 2016 година, околу 150.000 државни службеници беа отпуштени, а повеќе од 50.000 беа приведени, вклучувајќи војници, новинари, адвокати, полицајци, академици и курдски политичари.
Оваа репресија на критичарите предизвика загриженост во странство, што доведе до заладување на односите со Европската унија: обидот на Турција да се приклучи на унијата остана во застој со години.
Конфликтите околу приливот на мигранти во Грција само го влошија општото незадоволство.
Ердоган тесно победи на референдумот во 2017 година, кој му даде широки претседателски овластувања, вклучително и право да воведе вонредна состојба и да назначи највисоки државни функционери, како и да интервенира во судскиот систем.
Меѓународен актер
За време на неговото владеење, Ердоган растеше како важна фигура и на меѓународната политичка сцена.
Тој ја демонстрираше силата на Турција како регионална сила, а неговата агресивна дипломатија ги налути сојузниците во Европа и на други места.
Иако беше на чело на земја членка на НАТО, Ердоган негуваше блиски односи со рускиот претседател Путин и се постави како арбитер во руската војна во Украина.
Тој посредуваше за договор за отворање безбеден коридор за извоз на жито преку Црното Море и спречи колапс кога Русија сакаше да ја повлече поддршката за договорот.
Тоа, исто така, ги принуди Шведска и Финска да чекаат со кандидатурите за приклучување кон западната алијанса.
На крајот, тој го одобри влезот на Финска, но не и на Шведска, наведувајќи дека во земјата има курдски сепаратисти и други дисиденти кои ги смета за „терористи“.
Изборни пресврти
Многу критичари сметаат дека изборите во 2019 година се „прв удар“ за долгото владеење на Ердоган, бидејќи неговата партија претрпе порази во трите најголеми градови – Истанбул, главниот град Анкара, и Измир.
Губењето на функцијата градоначалник на Истанбул од Екрем Имамоглу од главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) беше тежок удар за Ердоган, кој беше градоначалник на градот во 1990-тите.
Сега Имамоглу сака да го прошири тој успех на национално ниво, бидејќи води кампања заедно со претседателскиот кандидат на здружената опозиција против Ердоган, Кемал Киличдароглу.
Критиките за неподготвеноста на владата и бавниот одговор на разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а милиони луѓе во Турција оставија без покрив над главата, се еден од многуте предизвици со кои се соочува Ердоган.
Вториот е економијата која е во лоша состојба, со милиони кои страдаат од кризата на трошоците за живот.
Дводецениското наследство на Ердоган ќе биде ставено на тест на 14 мај во тесна трка против моќниот опозициски сојуз.