Премиерот потврди, државата почна да ја полни сметката на „Бехтел и Енка“

Макфакс

28/04/2023

14:35

1.458

Големина на фонт

а а а

Државата почна да ги троши предвидените 1,3 милион евра за изградба на коридорите 8 и 10 д. Премиерот Димитар Ковачевски денес потврди дека Владата го дала овластувањето за префрлање на парите, но и покрај обвинувањето од опозицијата дека се полни сметката на изведувачот „Бехтел и Енка“ иако немаат ниту шајка заковано, премиерот тврди дека сè е во согласност со потпишаниот договор и не се работи за пенали.

„Во согласност со Законот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 д и во согласност со потпишаниот договор врз основа на тој закон, Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски да ги почне сите потребни процедури за почеток на активностите за проектирање и ангажирање на сите потребни ресурси потребни за почнување на работите и секако за правење на трансакциите на финансиските средства, кои се во согласност со договорот за отпочнување на работите. Не постојат пенали, тоа се лаги на опозицијата, кои од ден на ден гледате дека се правење хистерија, исто како што правеа хистерија од влегувањето во НАТО, исто како што правеа хистерија за почнувањето преговори со Европската Унија. Исто така прават и за почнувањето на работите на Коридорот 8, ништо друго не прават“, рече премиерот Ковачевски.

Дека веќе почнало плаќањето кон американско-турскиот конзорциум, потврди и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми. Не кажа колкава сума веќе е префрлена, но и тој и премиерот нагласија дека трансакциите се прават според програма, која веќе е објавена во „Службен весник“.

Премиерот потсети дека договорот со „Бехетл и Енка“ ќе биде презентиран пред пратениците во Собранието, кои имаат соодветни безбедносни сертификати, тогаш кога претседателот Талат Џафери ќе одреди кога тим од Владата да дојде во Собранието.



Спонзорирани линкови

Маркетинг