Финска во вторник се приклучува кон НАТО, пристигна и првата реакција од Москва

Точка

03/04/2023

18:51

3.644

Големина на фонт

а а а

Финска ќе се приклучи на НАТО пактот во вторник, со што ќе стане побезбедна, а Сојузот помоќен, рече во понеделникот главниот секретар на воениот Северноатлантски сојуз Јенс Столтенберг, додека Москва веднаш најави засилување на силите на западот на земјата.

„Првпат ќе кренеме финско знаме тука, во седиштето на НАТО. Ќе биде добар ден за финската безбедност, за нордиската безбедност и за НАТО во целост“, им рекол Столтенберг на новинарите во Брисел, додавајќи дека како резултат на тоа и „Шведска исто така ќе биде побезбедна“.

Веста дека во вторник Финска официјално ќе стане членка на НАТО ја потврди и канцеларијата на претседателот на таа земја.

Финска станува полноправна членка откако во четвртокот турскиот парламент ја ратификуваше точката со која на Финска ѝ се овозможува приклучување кон НАТО, отворајќи го патот за Хелсинки да се приклучи кон западниот воен сојуз.


Турскиот парламент беше последен меѓу 30-те членки на сојузот кој го ратификуваше членството на Финска, откако претходно тоа го направи и унгарското законодавно тело.

Финска и Шведска заедно поднесоа барање за влез во НАТО во февруари минатата година поради руската инвазија на Украина, но Турција го кочи пристапувањето на Шведска, која ја обвинува за пружање на засолниште на оние кои ги смета за припадници на терористички групи и побарала нивна екстрадиција.


Анкара притоа првенствено мисли на забранетата Курдистанска работничка партија, која ја смета за терористичка организација.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко изјави дека Русија ќе ги засили воените капацитети на своите западни и северозападни региони како одговор на очекуваното пристапување на Финска во НАТО во вторник, извести државната новинска агенција „RT“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг