Некогаш беше најбогат Русин, вредеше 15 милијарди долари, но потоа беше обвинет за измама, одземена му беше компанијата, а пленот поделен. Михаил Ходорковски денеска е еден од најголемите критичари на Путин, кој многумина го гледаат како нов лидер …
Некогаш важел за најбогат човек во Русија, а денеска е најголем критичар на режимот на Путин. Во големото интервју за „France24“ Михаил Ходорковски зборувал за руската иднина, претседателот Владимир Путин, внатрешните превирања …
„Путин нема избор освен да продолжи со инвазијата на Украина. Тоа е единствен начин да ги задржи своите патриотски приврзаници“, вели Ходорковски, кој е осуден за затајување на данок и измама во 2005-та година. Одлежал осум години. Подоцна изјавил дека целата акција ја поттикнале неговите непријатели кои сакале да ја уништат неговата нафтена компанија „Јукос“ и да го казнат поради неговите политички амбиции. Обвиненијата секогаш ги демантирал. „Јукос“ подоцна е осакатена со масовни барања за плаќање на заостанат данок, а потоа државата ги распродала нејзините фабрики за производство на нафта во Сибир. На крајот компанијата дошла во сопственост на државата.
Путин го помилувал Ходорковски во 2013-та година по што овој ја напуштил Русија. Денес живее во Лондон. Таму ја основал прогресивната партија „Отворена Русија“ која во најголемата држава на светот е прогласена за непосакувана.
„Ако Путин ја изгуби војната, сите ќе се завртат против него. И тој тоа го знае. Ако успее во офанзивата, тоа би го охрабрило да тргне кон границите на НАТО. Не би постоеле повеќе пречки“, вели Ходорковски, кој на пикот на своето богатство вредел 15 милијарди долари …
И покрај тоа што Путин подготвува нова офанзива, Ходорковски вели дека тој се подготвува на промена на режимот во Русија. Во интервју за швајцарски „Blick“ зборувал за тоа како би можела војната да заврши …
„Постојат три начини на кои може да се одвива војната. Првиот: рускиот режим паѓа, можеби затоа што Путин умира. Втор: војната трае со години со големи загуби, иако не може да се предвиди како ќе заврши. Трет: Западот ја опремува Украина со средствата кои и се потребни за брзо да ја заврши војната“, вели Ходорковски.
Зборувал и за тоа како Русија без Путин би можела да изгледа во иднина:
„Постојат две опции. Едната е југословенскиот модел, во кој Русија би била поделена на неколку држави. Тоа би било многу опасно и би можело да доведе до нуклеарни судири и нови диктатури. Го поддржувам патот на целосна обнова и развој на парламентарниот и федералистичкиот модел – слично како Швајцарија. Во градовите постои голема поддршка за овој модел. За тоа се потребни најмалку дваесет години“, вели поранешниот олигарх и додава:
„Мораме да го увериме руското општество во нашиот модел. За тоа ни се потребни медиумите. Елитите би требало да знаат дека постои излез од нивната ситуација без паѓање на глава. Освен тоа, сакаме да го увериме Западот да не ги користи санкциите за поделба на Русија, туку за нејзина обнова“.
Ходорковски има поддршка и од легендарниот Гари Каспаров. Некои го гледаат како иден руски претседател, но …
„Гари знае дека не сум политичар. Јас сум искусен менаџер кој добро го познава кризниот менаџмент. Исто така, наскоро ќе наполнам 60 години. Не можам повеќе да работам 14 часа дневно, седум дена во неделата. Не сакам да изгорам, во новата Русија повеќе не може да има претседател, дали јас или некој друг. Секој претседател повторно би тежнеел кон истите цели како Путин и би настанала нова диктатура. Поради тоа ова уредување мора да исчезне“, рекол за крај Ходорковски и додал: „Не знам како е Путин, но сигурно не е сериозно болен …“