Бројот на загинати во силниот земјотрес во Турција и Сирија „ќе се удвои“ во однос на моменталното ниво од околу 28.000 жртви, изјави шефот на хуманитарната помош на ОН, Мартин Грифитс.
Тој предвидува дека вкупниот број на настрадани би можел да достигне бројка од 55.000.
Грифитс во саботата пристигнал во турскиот град Кахраманмараш на југот на земјата, епицентарот на првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер.
„Мислам дека е тешко прецизно да се процени колку точно треба да бараме под урнатините, но сигурен сум дека бројот на жртви ќе се удвои или ќе биде и повеќе од тоа“, вели Грифитс.
Службениците и медицинарите открија дека 24.617 лица ги загубиле своите животи во Турција и 3.574 во Сирија. Потврдената вкупна бројка досега изнесува 28.191 лице. Десетина илјади спасувачи ги пребаруваат срамнетите квартови и покрај студеното време кое ја продлабочи бедата на милионите луѓе на кои сега очајнички им е потребна помош.
Обединетите нации предупредија дека на најмалку 870.000 лица итно им се потребни топли оброци ширум Турција и Сирија.
Земјотресот погоди речиси 26 милиони луѓе, соопшти Светската здравствена организација (СЗО) кога упати апел во саботата за 42,8 милиони долари за решавање на итните здравствени потреби.