Норвешкиот државен пензиски фонд изгуби 150 милијарди долари во 2022 година

Точка

31/01/2023

22:06

2.762

Големина на фонт

а а а

Норвешкиот државен пензиски фонд „Глобал“ на крајот од 2022 година остварил загуба на своите вложувања од 1.637 милијарди круни, што е околу 150,6 милијарди евра. Како што навел директорот на Инвестицискиот менаџмент на Норвешката централна банка Николаи Танген, на негативните приноси на пазарот влијаела војната во Европа, високата инфлација и растот на каматните стапки.

„Војната, инфлацијата и каматните стапки негативно влијаеја на пазарот на акции и на пазарот на обврзници – истовремено, што е многу невообичаено. Сите сектори на пазарот на капитал имаа негативни приноси, со исклучок на енергетиката“, навел Николаи Танген, соопштено е од Инвестицискиот менаџмент на Норвешката централна банка.

Фондот, како што е соопштено, на 31-ви декември 2022-ра имал вредност од 12.428 милијарди круни (1.143 милијарди евра).

„Фондот има 69,8 проценти од средствата вложено во акции, 27,5 проценти во фиксен приход, 2,7 проценти во недвижнини кои не котираат и 0,1 процент во инфраструктура за обновливи извори на енергија, кои исто така не се на берзата“, навел Танген.


Државниот пензиски фонд „Глобал“ во 2022 година остварил негативен принос од 14,1 процент, што е еквивалентно на вредноста од споменатите 1.637 милијарди круни (150,6 милијарди евра).

Приносот на вложувања во капитал бил негативен – 15,3 проценти, како и приносот на вложувања во фиксни приходи (-12,1 проценти), додека вложувањето во недвижнини кои не котираат на берза остварило позитивен принос од скромни 0,1 проценти.

„Приносот на вложување во инфраструктурата за обновливи извори на енергија која не котира на берза бил 5,1 процент“, се наведува во соопштението.


Приносот на фондот, како што се истакнува, бил 0,88 проценти поени подобар од движењето на референтниот берзански индекс, што е еквивалентно на вредност од 118 милијарди норвешки круни, односно околу 10,8 милијарди евра.

„Reuters“ наведува дека на денеска одржаната прес-конференција Николаи Танген изјавил дека фондот инвестирал во 9.000 компании во 70 земји.

„Едноставно, немаме каде се скриеме“, рекол Танген на конференцијата.


Поединечно, најголема пазарна загуба овој фонд остварил од вложување во акциите на „Amazon“, кои изгубиле во вредност околу 56 милијарди норвешки круни (5 милијарди евра). Следи загуба од вложувањето во „Meta Platforms“ од 4,8 милијарди евра, па загуба од вложување во „Tesla“ – 4.3 милијарди евра.

Во соопштението на Инвестицискиот менаџмент на Норвешката централна банка кој управува со овој државен пензиски фонд, се истакнува дека норвешката круна во текот на 2022-ра изгубила на вредност во однос на неколку водечки валути. Тие движења на валутата придонеле за зголемување на вредноста на фондот од 59 милијарди евра.




Спонзорирани линкови

Маркетинг