Трамп тужи новинар за неовластено користење аудиоснимка

Макфакс

31/01/2023

11:50

1.168

Големина на фонт

а а а

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска покрена тужба против новинарот Боб Вудворд и го обвини дека незаконски користел аудио снимки од нивните разговори во објавеното аудио издание на неговата книга, со што ги прекршил интересите и авторските права на Трамп.

Трамп го обвинува новинарот Вудворд за систематско узурпирање, манипулирање и искористување на звучната снимка со објавување на „Трамп лентите“, аудио компилација од нивните разговори од 2022 година, според „Политико“.

Во тужбата поднесена во Окружниот суд на САД во Пенсакола, Флорида, Трамп бара отштета и признавање дека неговите интереси за авторски права се компромитирани.

Тужбата беше поднесена и против издавачката куќа „Simon & Schuster и Paramount Corporation“, матичната компанија на издавачот „Simon & Schuster“.

Во заедничкото соопштение што го објавија новинарот Боб Вудворд и издавачката куќа „Simon & Schuster“, се наведува дека тужбата на Трамп е „неоснована“, со оглед на тоа што интервјуата се снимени со негова согласност.

Централниот аргумент во тужбата на Трамп е тврдењето дека поранешниот американски претседател никогаш не се согласил неговиот глас да се користи во аудио изданието на книгата на Вудворд, туку се согласил да се снима, нагласувајќи во повеќе наврати дека таквите аудио снимки служеле исклучиво како материјал за печатено издание на книгата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг