Десетици илјади луѓе во Бразил се собраа на митинзи одржани во знак на протест против инвазијата на Конгресот од приврзаниците на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, а во најголемиот град во земјата, Сао Паоло, толпата бараше негово апсење.
Во голем број градови и населени места вчера се одржаа улични собири за поддршка на новиот претседател Луис Инасио Лула да Силва.
Многумина дојдоа облечени во црвено, бојата на работничката партија на Лула, други вееја транспаренти на кои пишуваше „Нема амнестија за пучистите“ и повикаа да бидат казнети одговорните. Имаше и скандирања „затвор за Болсонаро“, а собирот се одржа со големо полициско присуство.
77-годишниот нов претседател ги посети конгресните згради оштетени од немирите, претседателската палата и Врховниот суд, заедно со гувернерите на земјата, осудувајќи ги „терористичките акти“ и вети дека ќе ги казни сторителите.
Околу 1.500 луѓе беа приведени во нередите во неделата во главниот град на Бразил, седум дена откако претседателот Лула да Силва положи заклетва по поделените избори во октомври.