Горан Боев: Во ликот на човекот ја барам убавината на светот!

Точка

22/11/2022

10:40

156.941

Големина на фонт

а а а

Горан Боев е еден од најдобрите сликари во Македонија, уметник кој веќе три децении активно твори, и зад себе има оставено фасцинатни уметнички дела. Скромен по природа, позитивен и отворен по дух, неуморен кога станува збор за сликањето, Боев со своите слики никого не остава рамнодушен. Со своите последни дела не потсетува на нашата богата традиција, на боите на нашата земја, на топлината и мекоста на луѓето од овие краишта.

Магистер на Факултетот за Ликовна Уметност, „Почесен граѓанин” на град Кавадарци за своето уметничко творештво, Професор по ликовно во Кавадарци, но истовремено и филозоф, за кого уметноста има симболика и безвременска вредност. Сликар чиј потпис стои на фреските во новиот параклис во комплексот на манастирот Свети Јован Бигорски, на импозантните тиквешки ликовни дела во општина Кавадарци…сликар чии дела предизвикуваат внимание насекаде каде ќе бидат изложени. А оние кои го познаваат, со нетрпение чекаат да го видат следното дело.


Oставивте силен белег со своите авангардни метафорични масла на платно, се пробавте во различни дисциплини – детската илустрација, стрипот, апстракцијата и класичниот сликарски пристап. Колку е природно да се пробуваат различни техники, или од каде доаѓа желбата за промена?

Да се пробуваат разни техники и стилови е природно и препорачливо, особено во младоста. Мислам дека е погрешно уште рано да се утврди некаков стил или техника на работа со која уметникот формално би бил препознатлив и со тоа да се задоволи „ликовната“ суета која ние уметниците, за жал, си ја имаме.

На крајот на краиштата, уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност дури и кога на него не стои потпис. Важно е она што преку него нас ни се презентира.


Колку средината на живеење влијае на еден уметник? Колку Горан Боев успева да се оттргне од секојдневието и слободно да заплови во уметничкиот транс?

Средината секако има силно влијание врз творештвото на уметникот, на темите кои ги бира и на неговиот ликовен стил. Уметникот во поновата историја често се јавува како критичар на средината и времето во кое живее. Но тој не треба да заборави дека поседува специфичен Божји дар и дека тој дар треба да го искористи за да создаде нешто убаво дури и кога неговото секојдневие не му ја дава таа подршка. Уметникот е всушност трагач по убавината. Нашиот голем сликар Петар Мазев, познат по својот експресионистички стил, во една прилика ќе каже (слободна интерпретација): „Мојата уметност ја сметаат за грда, но такво е и времето во кое живееме. Сепак јас и во грдото се обидувам да го најдам убавото“. Значи секој уметник на свој начин се справува со средината и времето во кое живее.


Дали се чувствувате како пионер, вдахнодовеник на нешто ново?

Воопшто не се чувствувам така ниту се стремам кон такво нешто. Всушност и самиот материјал кој го користам за работа (платно, четки, бои) е класичен и сведочи дека немам такви амбиции. Денешната уметност набљудувана во светски рамки а рефлектирана и кај нас, отиде толку многу „напред“ што самиот чин на сликање врз платно веќе се смета за застарен и декадентен. Впрочем за тоа сведочат и најновите светски изложби како и моменталните ѕвезди на ликовната сцена. Но, како што компјутерот не успеа да ја оттргне книгата од употреба така и овие нови форми на ликовен јазик нема да успеат да го тргнат на страна платното, дрвената штица и ѕидот на кои уметникот непосредно ги реализира своите теми и идеи.


Што работите периодов?

Слободно фигуративно сликарство во кое доминираат фигури на коњ, ранет бик, женски ликови…слики со силни интензицни бои и многу емоции кои ја отсликуваат богатата традиција и силна емотивност на луѓето кои не опкружуваат.


Што би им порачале на младите уметници кои само што ја започнуваат својата уметничка кариера?

Јас не сум човек во години, ниту со којзнае какво искуство искуство позади себе, но ете, неколкуте работни години во образование и неколкуте години поминати во Бигорски манастир се надевам дека ќе ми дозволат да им препорачам нешто корисно на помладите генерации. На моите помлади колеги им препорачувам да бидат благодарни за дарбата што ја добиле од Бог и со мрзеливост и неволност да не го закопуваат својот талант. Да го сакаат тоа што го работат и да се трудат да создаваат убавина затоа што убавината се создава со труд а трудот станува лесен и преминува во задоволство кога нештото се сака. Да не бараат брз и вртоглав успех туку да одат напред чекор по чекор и да остават нешто вредно позади себе кое ќе го облагороди општеството во кое живеат и ќе ја трасира патеката на генерациите што следат.




Спонзорирани линкови

Маркетинг